Според истражувањето на научниците од Државниот универзитет на Флорида кое е објавено во списанието „Curent Biology“, се истакнува дека ајкулите имаат внатрешно чувство за навигација, кое им служи за точна ориентација при движењето во океанските води, пренесува „Гардијан“. Во ова истражување научниците тестирале 20 ајкули со вежби за „магнетно поместување“ и тие мапирале географски места стотици километри од местото каде што биле фатени.

Одговорниот автор на трудот, Брајан Келер вели дека тоа објаснува зошто ајкулите можат да патуваат преку огромни океански пространства, но секогаш се враќаат на истото место за да се хранат, размножуваат и да раѓаат. Авторот истакнува дека “Веќе некое време знаеме дека ајкулите можат да го детектираат магнетното поле, но ова е првиот успешен тест што посочува дека тие, всушност, ги користат овие способности за да ја одредат нивната местоположба. Очекуваме овие способности да бидат видени и кај други видови, како што е големата бела ајкула, која мигрира и до 20.000 километри и потоа повторно се враќа на истото место”.

Со едно друго испитување, како што наведува списанието „Сајенс магазин“, големата бела ајкула била следена на својот пат со пливање од Јужна Африка до Австралија и назад – во речиси права линија, што ги наведува научниците да веруваат дека ајкулите имаат „магнетно чувство“ за контрола и ориентација.