Лесново е планинско село, сместено од десната страна на Злетовска Река, на надморска височина од 890 м. Селото се наоѓа на југозападната страна одОсоговските Планини е единствената населба во Македонија која што лежи во јасно сочуван фосилен вулкански кратер, познат и како Лесновски кратер. Низ средишниот дел на кратерот и низ самото село, во правец североисток-југозапад, тече малата Лесновска Река, која ја пресекува западната рамка на кратерот. Релјефот е последица на силна вулканска активност, која е дел од најраспространата и најпозната вулканска област во Македонија, позната во геоморфологијата како „кратовско–злетовска вулканска област“.

Лесново е сместено на околу 13 км источно од Пробиштип и на околу 8 км северно од Злетово, до коишто е сообраќајно поврзано со тесен асфалтен пат. Атарот на селото зафаќа површина од 14,1 км2.

Името на селото потекнува од зборот „лес“, што значи „шума“. Просторот на којшто се наоѓа селото во минатото бил густо пошумен, па оттаму се претпоставува и дека потекнува името

Лесново е едно од најстарите села во Македонија. Неговата историја е неделива од постоењето на Лесновскиот манастир. Показател за староста на селото се и бројните сочувани траги во неговиот атар, како што се пештерски цркви и пештерните испосници. Селото, заедно со маалото Луково, се споменува во две грамоти на царот Стефан Душан и деспотот Константин Дејанов од 1381 година.

Во селото постоело едно од најстарите училишта во Македонија, коешто било основано во 11 век. Во периодот помеѓу 10 и 14 век, во Лесново била создадена големата „Лесновска лавра“, позната како најголема монашка република на Балканот.

За разлика од многу други села, во периодот под отоманска власт, селото ја нема променето својата местоположба. Во османските даночни регистри на немуслиманското население од Кратовскиот вилает од 1618-1619 година, селото се споменува под името „Леснова“ и во него запишани 27 домаќинства. Според списокот на селата и немуслиманските домаќинства во истиот вилает од 1637 година, во селото биле запишани 28 домаќинства. Кон крајот на 19 век и почетокот на 20 век, Лесново било едно од најголемите населени места во својот крај, а по Балканските војни било и седиште на општина.

Според Житието на свети Гаврил Лесновски, напишано според Станислав Граматик во 1330 година, оваа света обител првпат ја подигнал преподобен свети Гаврил Лесновски во 11 век, посветувајќи ја црквата на свети архангел Михаил. Пустиножителот Гаврил повеќе од 30 години молитвено тихувал во околните пештери, кои се создадени од вадење воденичен камен, а некои се природен феномен. Свети Гаврил е еден од четворицата пустиножители, заедно со Свети Јован Рилски, Свети Јоаким Осоговски и Свети Прохор Пчински, кои се сметаат за зачетници на еремитското монаштво во Македонија кое се развило под влијание на Света Гора и ги зафатило северните делови на Македонија.

На овој камен е запишано: „Се создаде овој светол и чесен храм, на великиот војвода на небесните сили архангелот Михаил. Се создаде и се заврши во времето на крал Стефан, со трудот и издатоците на Божјиот слуга, великиот војвода Јован Оливер во 1341 година.“

Овој преубав иконостас, длабока резба во орев, е прво дело на Петре Филиповски-Гарката, изработен по настојување на игуменот Теодосиј. Во 1342 година деспот Оливер, откако од темели ја изградил новата црква и притоа ја дарувал со скапоцени садови и големи икони, со повелба го отстапил манастирот како метох на светогорскиот манастир Хиландар

Настанувањето на манастирот се поврзува со животот на пустиникот Гаврил Лесновски. За Св. Гаврил постојат повеќе житија (хагеографии). Првото е сосема кратко и е напишано околу 1330 година. Во опширното житие на пустиножителот од 1868 година стои дека за време на неговиот живот, манастирот постоел и во него тој се замонашил.

Според едно од житијата во средината на XI век во с. Лесново живееле четворицата големи испосници, светители – Јован Рилски, Прохор Пчински, Јоаким Осоговски и Гаврил Лесновски. Четворицата светители или како народот ги именува четворицата духовни браќа скоро 30 години живееле во пост, молитва и строг послужителски живот во пештера во тогашната многу густо пошумена лесновска гора во близина на селото Лесново. Откако оствариле духовна зрелост кај секој од нив се појавила потреба од поединечно продолжување на сопствената духовна мисија. Заминале на четири различни страни и изградиле манастири, при што Гаврил Лесновски останал во с. Лесново и го подигнал (основал) Лесновскиот манастир.

За првпат во пишани споменици се спомнува во 1330, кога книжевникот Станислав препишал во манастирот Пролог, каде го сместил и краткото житие на Гаврил Лесновски. Денес ракописот се чува во Белград. Во 1341година деспотот Јован Оливер го обновил, а по неколку години бил проширен со вториот дел. На црковниот собир во Скопје, 1347 година од страна на Стефан Душан бил назначен овој манастир за седиште на новоформираната Злетовска епископија, што ја заменила Мородвиската. Веројатно и тоа било причина манастирот да биде проширен.

Во 1381 година повторно бил приложен на манастирот Хилендер. Во 1558 година, при игуменот Неофит, манастирот бил поправен, а во 1581 при игуменот Спиридон, го препокрил кратовскиот болјарин Никола Бојчиќ. Благодарение на жителите на Кратовско и кривопаланечко, манастирот успеал да дотрае низ целиот среден век, па се до денес, зошто од нив бил неколу пати поправан. При крајот на 17 век бил запустел, но во 1805 го обновил еромонахот Теодосиј. Во 1814 година, од една белешка гледаме дека тој бил игумен на манастирот. Овој манастир е еден од побогатите книжевни центри. Низ повеќе институции надвор од Македонија се чуваат ракописи што се пишувани во него или потекнуваат од неговата богата библиотека. Познати се збирките во: Белград, Софија и Пловдив.

Досега славистиката идентификува значителен број ракописи од овој манастир, од кои позначајни се: Прологот од 1330 година, Минејот од 1342 година, Паранејсот од 1353 година, итн. Голем е и бројот на книжевниците што во манастирот ја вршеле својата книжевна дејност. На прв план тоа е Станислав – првиот книжевник од Лесновскиот книжевен центар и основач на калиграфската школа. Партенија, негов ученик, псевдонимниот книжевник Тахота, Калиник, Драјко, Радоња, Силвестер, Поп Лазар од Кратово, поп Никола итн. Неговото прераснување во книжевен центар се поврзува со фактот што поседувал економски богат статус. Под негова прбижна потчинетост биле многу цркви и манастири, како и села. Да се спомене дека истиот бил и засолниште за голем број револуционери и ослободителни групи, што се бореле за национална слобода на Македонскиот народ.