Различни настани низ светот се одржуваат секоја година на 22 Април кога го славиме Денот на Планетата Земја, со основна цел да се даде поддршка на активностите за заштита на животната средина.

Сенаторот Гејлорд Нелсон од САД, роден во Висконсин прв повика на национални протести за заштита на животната средина со цел “да се опоменат политичарите и заштитата на животната средина да се стави во нивната агенда на национално ниво”. Сенаторот Нелсон е помеѓу најзаслужните личности во процесот на започнување на општествено-институционални и граѓански активности во битката за заштита на животна средина. За истакнување е дека организирањето на големите протести во пролетта 1970 година било во период кога фабриките сеуште имале можност слободно да ги испуштаат штетните гасови во воздухот или токсичниот отпад да го испуштаат во околните реки. Тоа било така затоа што САД во тој период сеуште ја немале основано Агенцијата за заштита на животната средина – ЕПА и немало закони за заштита на животната средина.

Дваесет милиони Американци на 22 април 1970 година, излегле на улиците барајќи акција за спречување на загадувањето на животната средина. Во декември, Конгресот на САД одобрил формирање на нова федерална агенција-ЕПА, за да се обезбеди заштита на животната средина. Донесувањето на Законот за чист воздух, Законот за чиста вода, Законот за загрозени видови и многу други значајни закони за животна средина следеле веднаш по основањето на Агенцијата за заштита на животната средина – ЕПА.

Денес, според организација ”Ден на планетата Земја” која е со седиште во Вашингтон и која го организира овој настан, проценува дека секоја година во светот во активностите на Денот на планетата Земја учествуваат повеќе од 1 милијарда луѓе во 192 земји.