Околу 50 претставници на владините институции, министерствата, граѓанскиот и приватниот сектор, академијата и меѓународните организации  во петокот на 12 јули во Маврово дискутираа на техничко ниво за стратешкиот ангажман на земјата со Зелениот климатски фонд (ЗКФ).

Ова е втора по ред национална консултативна средба организирана во рамки на првиот проект на Македонија од Програмата за подготвеност и подготвителна поддршка на Зелениот климатски фонд – “Поддршка за управување со ефективен национален координативен механизам за Зелениот климатски фонд” – спроведуван од ФАО под раководство на Кабинетот на Заменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, како Националениот назначен орган за ЗКФ.

Во овој контекст, експертите на ФАО го поддржаа Националниот назначен орган за ЗКФ да спроведе сеопфатна анализа на постоечките институционални релации, вклучувајќија и структурата на сите национални тела, комисии и совети релевантни за прашања поврзани со одржливиот развој, финансирањето и климатските промени. Врз основа на анализата, развиен е нацрт-предлог за идниот национален координативен механизам за донесување одлуки за прашањата поврзани со ЗКФ. Учесниците на настанот ќе бидат информирани и консултирани за нацрт-предлогот за национален координативен механизам за ЗКФ – вклучувајќи ги релевантните тела кои ќе бидат вклучени, нивните улоги и одговорности.

Во поздравниот говор на настанот, советничката за меѓународна економија и развој на Премиерот,Олимпија Христова Заевска истакна дека “ангажманот со Зелениот климатски фонд преку подготвителната поддршка и помага на земјата да ги соедини своите напори за национално и глобално влијание, како и поттикнување одржлив и “зелен” економски развој. Понатаму, им помага на различните чинители кои работат во областа на климатски промени да ја препознаат заемната поврзаност по ова прашање и важноста од заедничко и транспарентно работење”, додаде таа.

Спроведената детална анализа на клучните стратешки документи развиени во Македонија во врска со климатските промени укажа дека енергетиката, транспортот, водите, земјоделството, отпадот, биолошката разновидност, здравството, шумарството и културното наследство се приоритетни сектори за климатска акција во земјата. На настанот, партнерите имаа можност да научат како да идентификуваат проектни идеи во овие приоритетни сектори кои имаат мерливо влијание врз климатските промении се подобни за финансирање преку ЗКФ, а се усогласени со приоритетите за адаптација и ублажување на климатските промени и останати тековни активности на национално ниво.

Кармен Аргељо, ФАО координатор на проектот за подготвеност, истакна дека “ова е многу важен чекор во градење на партнерство меѓу националните чинители во РС Македонија и Зелениот климатски фонд, за да создадеме поволно опкружување за зголемена сопственост на земјата и пристап до климатски финансии”.

Како резултат на Програмата за подготвеност и подготвителна поддршка, Владата ќе може да креира Национална Програма за Зелениот климатски фонд, усогласена со националните приоритети, која повикува на смела климатска акција која ќе стимулира конкретни решенија за намалување на емисиите и зголемување на климатската отпорност во приоритетните сектори.