Започна расчистувањето на дивата депонија ”Мауцкер” кај Охрид
Започна првата фаза од расчистувањето на депонијата ”Мауцкер”, на самиот влез од Охрид, каде во иднина е планиранo да се префрли ЈП ”Охридски Комуналец” и да се изгради стационар за бездомните кучиња.
Според надлежните, ова е почеток за решавање на проблемите со дивите депонии кои никнуваат на секој чекор во градот.
Се планира порамнување на околу 16.000 метри квадратни површина на која воглавном е одлаган градежен шут, како и дислоцирање на истиот на друга локација во рамките на депонијата ”Мауцкер”.
Од ”Охридски комуналец” најавуваат дека после завршувањето на активностите со расчистување, во иднина ќе се води повеќе грижа и нема да се дозволи повторно одлагање на сметот на оваа локација.
И градоначалникот на Охрид смета дека со отпочнување на вакви активности, се решава еден од најгорливите проблеми на градот, справувањето со дивите депонии.
Расчистувањето на депонијата финансиски е поддржано од Министерството за животна средина и просторно планирање, во чии рамки е предвидено уредување на осум вакви локации.