Секоја година бројот на смртни случаи од загадувањето на животната средина (од токсичен воздух па се до контаминирана вода) е далеку поголем од бројот на смртни случаи како резултат на војна и насилство. Овие вознемирувачки потадоци се дел од едно истражување објавено во медицинскиот весник The Lancet. Научниците утврдиле дека еден од четири прерани смртни случаи или 9 милиони во 2015 година се последица на загадувањето. 

Според извештајот на студијата, земјите во развој – првенствено во Азија и Африка ги ставаат повеќето луѓе во ризик поради недостаток на мониторинг системи за следење на состојбата со загаденоста на воздухот и почвата. Во 2015 година, еден од четири прерани смртни случаи (2.5 милиони) во Индија и еден од пет (1,8 милиони) предвремени смртни случаи во Кина се предизвикани од болести поврзани со загадувањето. Во Бангладеш, Пакистан, Северна Кореја, Јужен Судан и Хаити, скоро една петтина од предвремените смртни случаи се поврзани со загадувањето.

„Земajќи ги во предвид податоците, не треба да изненадува фактот што најсиромашните најмногу страдаат од болести поврзани со загадувањето. 92 проценти од болестите поврзани со загадување на животната средина се јавуваат во земјите со низок или среден приход, а регулативите за животната средина во овие земји имаат тенденција да бидат послаби, а индустриите се потпираат на застарени технологии и штетни горива“, вели Епидемиологот Philip Landrigan, водечки автор на студијата и декан на школа за медицина во Њуjорк.

За да се утврди глобалното влијание на загадувањето, авторите на студијата покрај податоците за загадување на воздухот и водата, користеле методи според Агенцијата за заштита на животната средина на САД за проценка на загадувањето на почвата.

Иако 9 милиони смртни случаи поврзани со загадувањето се “конзервативна” проценка, тоа сѐ уште претставува 15 пати повеќе од бројот на смртност како резултат на војна или други форми на насилство, а шест пати поголем од бројот на жртви во сообраќајни незгоди, се наведува во извештајот на студијата.

Ова е прва студија од ваков вид која ги зема предвид податоците за сите болести и смртни случаи како резултат на загадувањето.