Од 1-ви декември во Македонија се забранува употребата на пластични кеси а дозволена ќе биде само продажба на биоразградливи кеси. Тоа значи дека повеќе нема да се произведуваат пластичните кеси, а за биоразградливите кеси ќе се плаќа надоместок од 15 денари. За средствата собрани од продадените пластични кеси, трговците ќе мора да водат евиденција по квартали, а надоместоците ќе треба да ги уплаќаат на посебна сметка на органот за животна средина.

Исто така од 1-ви декември се забранува и еднократна употреба на пластични пакувања од угостителски објекти, а за почеток тоа ќе биде во заштитените подрачја.

Ваквата мерка доаѓа откако на 3 јули стартуваше забрана за продажба на 10 видови производи од еднократна пластика во Европската Унија. Со забраната беа опфатени пластичниот прибор за јадење, пластичните чинии, садовите за храна и пијалоци направени од стиропор, лажичињата за кафе од пластика, чепкалките за уши од пластика, сите производи изработени од оксоразградлива пластика.

Австрија во 2020 година ја забрани употребата на еднократни пластични кеси, а иста мерка донесе и германскиот Бундестаг кој изгласа закон за забрана на пластични кеси на мало, со тоа што тенки пластични кеси за пакување овошје и зеленчук сепак да бидат дозволени. Забраната се однесува на пластични кеси со дебелина од 15 до 50 микрометри, кои се стандардни во малопродажбатата.