Вселенските агенции на дваесетина земји предлагаат да се создаде Вселенска опсерваторија на климата, каде ќе се разменуваат и соопштуваат климатски податоци, добиени од вселената.

Претставници на вселенските агенции на Кина, Јапонија, Индија, Велика Британија, Италија, Германија, Швајцарија, Австрија, Шведска, Норвешка, Романија, Израел, Украина и Обединети Арапски Емирати вчера имаа средба во францускиот Национален центар за вселенски истражувања, во пресрет на денешниот климатски самит во Париз.

Од околу 50 индикатори кои се неопходни за климата, 26 се забележани од сателитите од вселената. Тие ги следат варијациите на температурата на Земјата, нивото на океаните, емисиите на стакленички гасови.

„Вселената е од особена важност за запознавање на проблемите поврзани со климатските промени“, се наведува во декларацијата објавена синоќа од вселенските агенции.

Целта на предложената Вселенска опсерваторија е да ги координира сите постоечки алатки.

„Денес повеќето земји не ги разменуваат податоците за климата. Треба да постигнеме слободна размена на тие податоци за да бидат споредени и сумирани“, изјави претседателот на Францускиот центар за вселенски истражувања, Жан Ив Гал.