ВОДА: Во Словенија со Устав само државата може да управува со водите!

Националното Собрание на Словенија во ноември минатата година усвои уставен амандман и пpaвото на питка вода го прогласи за основно човеково пpaво. Со овие уставни измени се оневозмoжува приватизацијата во оваа област, бидејќи само државата ќе може да управува со изворите и другите водните ресурси, со што се и спречува нејзината комерцијализација.

Дополнувањето на најважниот правен акт на Словенија беше едногласно усвоен од сите пратеници. Во новиот член 70А од Уставот на Република Словенија се наведува дека секој граѓанин на Словенија има пpaво на питка вода, дека водата е јавно добро под управа на државата, и дека изворите на вода пред се и трајно треба да служат за снабдување на населението со питка вода и вода за домаќинствата. Поради сето ова, водните ресурси не можат да бидат предмет на продажба.

Државата планира да управува со водните ресурси преку органите на локалната заедница, а за спроведување на оваа уставна одредба ќе се усвојат нови закони и прописи.

По Словачка, Словенија е втората членка на ЕУ, која го стави правото на вода во Уставот. Премиерот Миро Церар ги опиша водените богатства на Словенија како „течно злато од 21 век” и ја пофали заедничката акција на експерти, политичари и заинтересирани страни, бидејќи со тоа ја поддржаа визијата за модерна и „Зелена Словенија”. Премиерот Церар ја истакна важноста на фактот што во измената на Уставот учествувале не само правници, туку и граѓански здруженија. И покрај зборовите на премиерот, лидерите на најмалку две опозициски партии во парламентот приговорија дека станува збор за обична промоција и дека државата слабо се грижи за изворите, езерата и другите водни ресурси.

Претседателот на словенечката влада во обраќањето пред пратениците истакна дека “ Тоа што речиси насекаде во Словенија можеме да пиеме вода од чешма, не смее да се подразбира. Тоа е голема привилегија за Словенците, која мораме да ја зачуваме не само поради нас, туку и за следните генерации”

Иницијативата за усвојување на новиот член на Уставот беше поднесена од организацијата Цивилна иницијатива за Словенија и слобода, кои ја поздравија одлуката на Националното Собрание. Дејан Огринец од Цивилна иницијатива за Словенија и слобода по изгласувањето на уставниот амандман истакна “ Ви благодариме на сите! Посебно се заблагодаруваме на сите од петицијата потпишана од 56.000 лица, со која се бараше да се додаде во Уставот неотуѓивото пpaво на вода, на медиумите што ни овозможија да ги презентираме нашите ставови, на експертите кои ни помогнаа, а на крај и на политичарите кои нè послушаа. Ова е голема пoбeдa за нашето општество”

Балкан Грин Енерџи њуз