Во Јадранот повеќе пластика од риби!

Според студијата објавена во списанието Marine Pollution Bulletin а изготвена од меѓународен тим на експерти во Јадранското Море континуирано се исфрла отпад од околу четири милиони луѓе кои живеат на просторите покрај брегот на морето. Овој еколошки притисок се зголемува речиси за шест пати за време на туристичката сезона. Ова го пренесува хрватски „Индекс“.

Концентрацијата на пластичен отпад на дното на Јадранското Море е меѓу најголемите во Европа, и се наоѓа веднаш зад просторот од североисточниот дел на Медитеранот и Келтското Море.

Како што се наведува, посебен проблем за Јадранот е тоа што се работи за релативно мало, плитко и полузатворано море кое е поврзано со Средоземното море што исто така е полузатворено и загадено.

Во водите во јужна Хрватска околу 90 отсто од пластичниот отпад доаѓа поради струите и ветровите, но најмногу од Албанија.

Перо Тутман од Институтот за океанографија и рибарство во Сплит (IZOR), истакнува дека од 70% до 80% од отпадот во морето доаѓаат од копното, додека остатокот е како причина од морскиот транспорт, туристички активности, риболовот и платформите кои се поставени далеку од брегот.

„Медитеранот за жал, е едно од најзагадените, бидејќи станува збор за полузатворен базен, а кон него гравитираат повеќе земји со различен цивилизациски развој. Има голем број на земји од Азија, Африка и Европа, а за жал не во сите е докрај развиено нивото на еколошка свест и однесување“, вели Тутман.