Светската индустрија за чоколадо е виновна за катастрофалното уништување на прашумите во Западна Африка, на чие место се произведува какао, пренесува британски The Guardian.

Трговците кои продаваат какао на големите компании како што се Mars, Nestlé, Mondelez и други големи компании, купуваат нелегално произведени производи во заштитени подрачја на Брегот на Слоновата Коска, каде што површината на прашумите е намалена за повеќе од 80% од 1960 година. Нелегалното какао во синџирот на снабдување се меша со „чисто“ зрно, што значи дека Mars и Мilka може да содржат „нечисто“ какао, бидејќи повеќе од 40% какао во светот доаѓа од Брегот на Слоновата Коска, известува британски The Guardian.

Неколку новинари отпатувале на Брегот на Слоновата Коска и забележале расчистување на прашумата поради плантажи со какао, каде што селаните и земјоделците ги зазеле националните паркови кои треба да бидат заштитени, додека задолжените за зачувување на животната средина се подмитени да не вршат контрола.

На барање на The Guardian за коментар по однос на ова, Маrs, Mondelez и Nestlé, како и компаниите Cargill и Barry Callebaut, не ги демантираaт обвинувањата дека е извршено засадување на какао на обесшумена површина, иако се согласуваат дека тие работат напорно, во нивните производи да нема “нечисто” какао.

Околу 70% од светското производство на какао, го произведуваат околу 2 милиони земјоделци во пределот од Сиера Леоне до Камерун, но Брегот на Слоновата Коска и Гана се најголеми светски производители, а во исто време се и најголеми жртви на уништување на шумите.

Зголемување на побарувачката на чоколадо во светот, значи ако ништо не се преземе, до 2030 година нема да има шуми во Брегот на Слоновата Коска, – изјавува Еколошката организација Mighty Earth, која минатиот месец побарала истрага за уништување на прашумите поради чоколадо.

Фотографија од Mighty Earth

Големите компании пак, информираат дека се свесни за проблемот – уништување на шумите поради производство на какао и работат на решавање на истиот.

Од компанијата Mars информираат дека работат на случајот за изнаоѓање начин да се спречи уништувањето на шумите во глобалниот ланец за снабдување со какао, каде одржливото проиводство на какао, претставува преголем предизвик за секоја компанија поединечно.

Додека пак, од компанијата Nestlé информираат дека се „против уништување на шуми и тресет ширум светот“ и сметаат дека тоа е еден од најголемите еколошки предизвик со кој целиот свет се соочува.

Претставници на Mondelez, кои се производители на Мilka, информираат дека нивната компанија активно работи на спречување на уништување на шумите и прашумите.