Нова врста на орангутан е откриена во северниот дел на Суматра во Индонезија, открива научна студија, во која е наведено дека поради малиот број на овие животни, тие спаѓаат во една од најзагрозени врсти на големите мајмуни.

Тапанули орангутанот има повлакнесто тело од другите врсти на орангутани

Ова е првата потврдена нова врста од овој вид на големи мајмуни после последното откритие од 1929 година на друга врста на орангутани на територијата на сегашната Демократска Република Конго, пренесуваат биолозите, чија студија е објавена во американското списание Current Biology.

Најновиот член на семејното стебло на овие напредни животни, на кои му припаѓа и човекот, можеби нема да преживее долго време. Ги има во многу мал број и нивното живеалиште е толку расцепкано, што постои ризик од исчезнување, велат научниците кои ги проучувале овие животни. Според  студијата објавена пред неколку денови, има само 800 единки на овие мајмуни, кои научниците ги нарекуваат „Tапанули“ (Pongo tapanuliensis) со што се најзагрозена врста на овој вид на мајмуни.

Научниците велат дека овие животни се многу чувствителни и дека нивната животна средина е под понатамошен притисок од човечка активност.

Ова е прва нова врста од видот големи мајмуни во последните 90 години. Претходно, научниците признаваат шест врсти на големи мајмуни: орангутаните од Борнео и Суматра, горилата, шимпанзата и бонобо.

Индонезиските мајмуни „Tапанули“ се движат на околу 1.100 km2 во шумата Батанг Тору во северниот дел на Суматра. Историски гледано, тие веројатно биле изолирани од суматранските орангутани кои живеат на север веќе од 10.000 до 20.000 години, покажуваат тестирањата.

Експертот Russell Mittermeier, еден од 37 автори на студијата, вели дека станува збор за извонредно откритие и дека сега е ред индонезиската влада да преземе мерки против исчезнување на оваа врста.

Првите индикации за специфичноста на врстата „Tапанули“ се забележани на скелетот на возрасен мажјак убиен во 2013 година. Кога научниците ги испитувале черепот и забите, тие откриле уникатни карактеристики кои го разликуваат од другите орангутани.

Череп на новата врста „Тапанули“ од видот орангутан

„Бевме изненадени кога видовме дека карактеристиките на черепот се навистина различни од она што го знаевме за големите мајмуни“, вели Matt Nowak, експерт од програмата на Суматра за конзервација на орангутани.

Сепак, анализите на геном на 37 орангутани, направени од страна на научниците на Универзитетот во Цирих, ја открија еволуцијата на овие мајмуни.

Matt Nowak исто така потенцира на загрозеност на оваа новооткриена врста од видот орангутани.

„Ако не се преземат итни мерки за заштита на шумите каде што живеат, кои се во брзо намалување, оваа врста на oрангутани може за неколку децении да исчезне“, вели Nowak.