СО ГОЛЕМО ВЕЛОСИПЕДСКО ДЕФИЛЕ ВО СКОПЈЕ ОДБЕЛЕЖАН 22-ри СЕПТЕМВРИ, МЕЃУНАРОДЕН ДЕН БЕЗ АВТОМОБИЛИ

Градот Скопје и оваа 2017 година активно се вклучи во одбележување на Европската недела на мобилност и во периодот од 16-ти до 22-ри септември на граѓаните им понуди голем број на активности, посветени на алтернативното и одржливо возење.

Денес по повод 22-ри септември – Меѓународниот ден без автомобили и последниот ден од Европската недела на мобилност 2017 година, овој ден се одбележа со големо велосипедско филе, неколку илјади граѓани, велосипедисти, рекреативци и средношколци возеа низ улиците на Скопје.

Дефилето го предводеше Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, а учествуваа и Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, евроамбасадорот Самуел Жбогар и амбасадорите на Холандија и Унгарија во нашата земја.

Велосипедистите стартуваа кај Порта Македонија, потоа возеа по улицата 11 Октомври до булеварот Кочо Рацин, потоа кон булеварот Крсте Мисирков, булеварот Гоце Делчев, булеварот ВМРО, булеварот Партизански одреди, булеварот 8-ми.Септември и по булеварот Илинден до Градскиот парк, кај Школката, каде што се одржа музички хепенинг.

 

Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски во освоето обраќање пред учесниците на денешното дефиле, се заблагодари за нивното учество во дефилето и за нивната подготвеност да возат велосипед и да ги менуваат своите навики. “Градот Скопје минатата година се најде меѓу трите европски градови со најдобри решенија за одржлива мобилност, во трка за Наградата на Европската недела на мобилност 2016. Тоа за нас е потврда дека се движиме во вистинската насока, тоа е заслуга на сите граѓани кои во своето секојдневно движење возат велосипед, користат јавен превоз или одат пеш”. истакна градоначалникот Коце Трајановски.

Заменик – министерот Јани Макрадули истакна дека во Европската недела на мобилност годинава учествуваат над 2.440 градови и дека му претставува задоволство што и Скопје е дел од ова големо европско семејство. “Потребно е да ги менуваме нашите навики, да возиме велосипед повеќе од еден ден во годината, да ги оставиме своите возила во гаража повеќе од еден ден во годината и сите заедно да придонесеме за почист воздух” – рече заменик министерот Јани Макрадули.

Во рамките на големо велосипедско дефиле на денот без автомобили, на лотарија на најсреќните учесници во велосипедското дефиле им беа доделени вкупно 14 велосипеди, од кои 10 велосипеди обезбеди Градот Скопје, а четири велосипеди обезбеди Министерството за животна средина и просторно планирање.

Градот Скопје ја реализира Европската недела на мобилност 2017 во соработка со невладините организации Македонски Зелен Центар, Прв до Врв, Здружение на инженери за животна средина, Гоу грин, Еко свест и Милиеуконтакт Македонија, Институт за обука Коцка, како и со Делегацијата на Европската унија во нашава земја и Министерството за животна средина и просторно планирање.