УТРЕ, СКОПЈЕ ДОМАЌИН НА 17-то ЕВРОПСКО ПЛАНИНСКО ТРЧАЊЕ

За прв пат,  Македонија ја доби довербата да организира Европско атлетско првенство во планинско трчање. Првенството е закажано за утре, 1ви јули, на Средно Водно. Ќе се одржи во младинска и сениорска конкуренција (за мажи и жени), како поединечно, така и групно.

Трката започнува и завршува на горниот паркинг на Средно Водно. Според пропозициите на натпреварот, јуниорите трчаат еден круг во должина од 5.9 км, со висинска разлика од 360 метри, а сениорите ќе трчаат два круга во дожина од 11км и висинска разлика од 700 метри.

Според претседателот на Атлетската Федерација на Македонија: ,, Масовноста на Европското првенство во планинско трчање со учество на 28 држави со преку 250 натпреварувачи е главен показател на популарноста на планинското трчање во Европа и пошироко. “

Ќе учествуваат атлетичари од Италија, Турција, Хрватска, Чешка, Словенија, Велика Британија, кои се водечки држави кога е во прашање планинското трчање и атлетика.

Нашата најдобра маратонка Кираџиева, ги повика сите вљубеници на атлетиката и спортот, да го проследат утрешниот настан, потенцирајќи дека, вечерва на плоштадот „Македонија“ ќе се одржи дефиле на сите учесници на првенството.