Ураганот „Марија“ е најсилниот ураган во последните 80 години кој го погоди Порторико и вчера остави стотина поплавени домови без струја, поради што оваа американска териротија може да навлезе во уште подлабока финансиска криза.

Најмалку девет луѓе загинаа на Карибите од ураганот „Марија“, кој вчера по локално време ја погоди југоисточната обала на Порторико како невреме од четврта категорија со брзина на ветрот до 250 км/ч.

Со обилни врнежи од дожд и силен ветер, голем број на домови во Порторико останаа без покрив и електрична енергија, нивото на водата во домовите достигна до 50 cm, а улиците во Порторико претворени се во река.

Засега нема податок за смртни случаеви и тешки повреди на островот со 3,4 милиони луѓе од кои 11.000 луѓе и 580 домашни миленици се евакуирани.

Гувернерот на Порторико Рикардо Росело го повика Претседателот на САД, Доналд Трамп да прогласи вонредна состојба на островот.

Електричната инсталација на островот била во многу лоша состојба и пред невремето, додека финансиската ситуација во Порторико била катастрофална со долг од 73 милијарди долари и лоши мерки на штедење.