Научниците од Институтот за Океаонографија Скрипс во Сан Диего ја пресметале масата на водата која наврна во Тексас за време на ураганот Харви во август оваа година. Пресметките се направени според тоа колку површината на Земјата се „поместила“ за време на бурата од 4-та категорија, а според нив изнесува неверојатни 127 милијарди тони.

West Houston Airport во Тексас пред и по ураганот Харви

„Еден човек ме праша колку вода е тоа, колку стадиони можат да се наполнат. Тоа се 26.000 сали како Супердомот во Њу Орлеанс“ – изјавува Adrian Borsa од Скрипс.

Колку за илустрација, мултифункционалната сала Супердом во Њу Орлеанс со капацитет од околу 75.000 седишта има купола (оттука доаѓа и името Супердом) со пречник од 210 метри.

Салата на Супердом во Њу Орлеанс

Количеството дожд на некои мерни станици достигнало 1270 mm, но Adrian Borsa решил да истражува малку повеќе, па со помош на високо – прецизни GPS станици, пресметал колку Земјата се „придвижила“ како резултат на масата на водата.

Реката Buffalo Bayou и магистралниот пат Allen Parkway во Тексас пред и по ураганот Харви

„Исто како да седнувате на душек, тој се збива повеќе доколку вашата маса е поголема. Нешто слично се случило и со површината на Земјата во Август.“ – вели Adrian.

Овие запрепастувачки бројки беа изнесени на годишната средба на Американската унија по Геофизика во Њу Орлеанс каде што дополнително беше анализирана причината за овие огромни количества врнежи. Податоците за зголеменото присуство на стакленички гасови во атмосферата и високата температура на површината на Атлантикот и во Мексичкиот залив се издвојуваат како главни причинетели за ваквиот исход на оваа сезона на урагани, каде што беа забележани 6 големи (категорија 3 или повеќе) урагани.

За потсетување, оваа сезона на урагани во Атлантикот во неколку категории се најде високо на листата на рангирање: 5-та најактивна од 1851 откако постојат мерења, најактивна сезона од 2010 до денес, сезона со наголема циклонска енергија, сезона со наголем број на големи урагани од 2005 и сезона која покрај официјалните 882 загинати, предизвика и штета од неверојатни 370 милијарди долари.