Од утрово по 8:30 часот повторно гори депонијата на влезот во Тетово кај железничката пруга, која што минува близу до силосите на Жито Полог.

Засега не се знаат точните причини зошто и како избувнал огнот на депонијата што ЈКП Тетово во изминатите години ја користеше како претоварна станица за сметот што се собира од градот.

ТЕТОВСКАТА ДЕПОНИЈА ПОВТОРНО ГОРИ

На неколкупати од депонијата се издигнува густ, црн чад, а екипи на тетовската територијална противпожарна единица интервенираат во обид да го изгаснат огнот од запалениот смет. Граѓаните се жалат дека несподносливата смрдеа и чадот освен близу депонијата сега се чувствува насекаде низ Тетово.

Проблемот со дивата депонија кај претоварната станица трае подолго време. Од општината на неколкупати најавуваа дека овој простор ќе се расчисти од смет и оти веќе нема да се користи како претоварна станица.

Градоначалничката на општина Тетово Теута Арифи пред десеттина денови најави дека за оваа намена со ребалансот на буџетот биле определени 12 милиони денари и оти по расчистувањето целиот простор ќе биде дезинфициран и потоа согласно урбанистичките планови ќе се користи за изградба на станбени и индустриски објекти.