СВЕТСКИ ДЕН НА ХРАНАТА – НУЛТА ГЛАД ДО 2030 ГОДИНА

Светскиот ден на храната се одбележува секоја година во светот на 16-ти октомври, во чест на датумот на основањето на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации во 1945 година. Оваа 2018 година на светскиот ден на храната ќе ја одбележи 73-годишнината од основањето на ФАО. Настаните организирани од страна на ФАО, владите, локалните власти и други партнери во повеќе од 130 земји ширум светот ќе повикаат на зголемени активности за постигнување нулта глад до 2030 година.

Официјалната церемонија на Светскиот ден на храната на 16-ти октомври во седиштето на ФАО, ќе биде можност за водачите и клучните глобални играчи во напорите да постигнат нулта глад, да пратат порака и да го потсетат светот дека нулта глад е сè уште можно.

На церемонијата на ФАО, шефови на држави, министри и претставници на високо ниво од приватниот сектор и граѓанското општество ќе учествуваат на два панели на високо ниво за предизвиците и решенијата за нулта глад. Панелистите ќе разговараат за климатските промени, конфликтите, миграцијата, сиромаштијата и двојниот товар на глад и дебелина, како и начини да се адаптираат или да ги надминат овие предизвици преку едукација за исхрана, подобрени системи за храна, социјална заштита, агроекологија, зачувување на биолошката разновидност зајакнување на семејни земјоделци и многу повеќе.

ФАО-Македонија по повод Светски ден на храната повикува на акцијата – да се вратиме на вистинскиот пат. Денес младите, се возрасните луѓе на утрешнината и тие ќе ја наследат Земјата. Оттука и Канцеларијата на ФАО во Македонија фокусот го стави на младата генерација.  Заедно со Слоу фуд Водно и „Ајде Македонија“, а во партнерство со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе го промовира глобалниот повик за заеднички, здружен напор кон здрава исхрана преку воведување  здрава исхрана во наставните програми, усвојување методи за  намалување на загубите и отпадот од храна и олеснување на пристапот до локално произведената, свежа и хранлива храна од семејните земјоделци.

Со поддршка од Град Скопје, ќе почне и кампањата за „Училишни градини“, чие воспоставување во основните школи ќе овозможи од најмала возраст да се гради свеста за локален систем на храна, одржливо производство, намалување на фрлената храна и на гладот до нула проценти.

„Ајде Македонија“, дополнително, утре ќе организира и донирање храна во десет града низ земјава. Од 10 до 19 часот ќе бидат поставени штандови „Нахрани 10.000“. Движењето апелира да се донира храна со подолг рок на траење.