Вулканските ерупции на Агунг во Бали – Индонезија за време на викендот исфрлија облак од густа пепел до 6.000 метри во височина.

Индонезиските власти испратија сериозни предупредувања за вулканот во Бали, со насоки за евакуација на населението на растојание од 10 километри поради страв од “непосреден” ризик од поголема ерупција.

Меѓународните летови беа откажани по ерупција во саботата вечер и уште три ерупции во неделата.

На 59.000 патници  им беа откажани летовите, вклучувајќи 196 меѓународни летови, по ерупцијата во саботата вечер и уште три ерупции во неделата.

Агенцијата за ублажување на катастрофи во Индонезија соопшти дека аеродромот на Денпасар е затворен, а околу 100.000 жители од 22 погодени села потребно е да се евакуираат со напушање на опасната зона околу Агунг.

Предупредувањата за можна ерупција на Агунг беа на највисоко можно ниво во септември, по зголемените потреси од вулканот.

Како што наведуваат локалните медиуми, 25.000 лица не можат да се вратат во своите домови од септември, кога вулканот на Агунг првпат даде знаци на активност, за првпат во повеќе од половина век.

Во последната голема ерупција  на Aгунг, во 1963 година загинаа околу 1.100 луѓе. Индонезија се наоѓа на “Пацифички огнен прстен” по должината на Тихиот Океан, каде што се случуваат голем број земјотреси и вулкански ерупции. Индонезија има повеќе од 120 активни вулкани.