Зајаците се често посакувани домашни миленици особено од најмладите членови во семејството. Со своите долги уши, розево носе, слатки и меки шепи, јасно е зошто овој крзнен пријател е меѓу најомилените.

Но, како и со секое домашно милениче, грижата и негата на зајакот бара подготовка и знаење. Повеќето од нас знаеме што да очекуваме при вдомување на мачка или куче, но грижата за зајак е повеќе од она што го знаеме.

Ова се најважните работи што мора да ги знаете пред да земете зајак како домашен миленик:

1. Зајаците живеат од 10 до 12 години. Ова можеби е и најважно што треба да се знае кога станува збор за зајаците како домашен миленик, бидејќи тие бараат значителен степен на дневна и неделна грижа во текот на нивниот живот.

2. Не се најпогодни миленици за деца. Да, секое дете би посакало мало крзнено другарче, но зајакот може да биде помалку „воодушевен“ од мало дете како свој примарен чувар. Зајаците често се мета на плен и како такви, лесно може да ги исплашат гласни звуци и движења. Подигањето на зајак в раце предизвикува страв, бидејќи имаат чувство дека се фатени од предатор.

3. Сакаат да бидат опкружени со други зајаци. Зајаците се животни кои се потпираат еден на друг за да преживеат во дивината. Зајакот сам по себе мора да биде предупредување во секое време за потенцијалните предатори, но присуството на друг зајак во близина им помага да се чувствуваат многу посигурно.

4. Потребна им е слобода за движење. За зајаците од суштинско значење е да имаат доболно слобода за движење и простор, што е една од најважните работи што треба да ги знаете пред да вдомите ваков крзнен пријател. Затоа, имајте на ум дека зајачињата не треба постојано да бидат во кафез кој е потребен на почетокот, додека зајачето сèуште се навикнува на извршување на физиолошките потреби во песок. Песокот треба да се менува редовно, бидејќи урината на зајакот има силен и непријатен мирис. Ако имате доволно простор во дневната соба, тогаш дозволете му на вашиот зајак слободно да се движи и трча во тој простор, во спротивно кафезот треба да биде минимум пет пати поголем од големината на зајакот, како во висина, така во ширина и должина. Се препорачува четири часа дневно активност, што во основа значи дека оставањето во кафез цел ден не е најдобрата идеја. Физичката активност за зајаците, како и за луѓето, помага во целокупното здравје, вклучително и варењето на храната и менталното здравје. Зарем посакувате несреќен зајак?

5. Бидете подготвени да го заштитите вашиот дом. Горните секачи постојано им растат, така што сакаат да гризат и џвакаат сè, вклучувајќи мебел од дрво и кабли. Мебелот може да го заштитите со обложување на дрвените ногарки со картонски материјал, а каблите повлечете ги на недостапни места. Затоа потребно е да обезбедите безбедни играчки за гризење за вашиот зајак.

6. Исхрана. Многу луѓе мислат дека исхраната на зајакот е доволна само со моркови. Апсолутно не! За да ги добиваат хранливите материи кои им се потребни, потребна е разновидна и здрава храна. Најзастапени намирници во исхраната на зајаците се свежиот зеленчук и сеното, бидејќи на зајаците им е неопходно да примаат влакна. Во зависност од тоа колку е голем зајакот, треба да му давате 2-4 чаши свеж разноврстен зеленчук. Мали парчиња од свежo јаболко и ананас се препорачуваат само еднаш или двапати неделно. Ананасот помага за полесно варење на храната.

7. Медицинска нега. Зајаците бараат посебна медицинска нега. Како и кај сите миленичиња треба да бидете свесни за целокупната благосостојба на зајакот, но и за неговите потреби. Се препорачува посета на ветеринар еднаш годишно.