Министерството за животна средина и просторно планирање сопшти дека министерот Насер Нуредини согласно Законот за заштита на природата донесе решение за привремена заштита на делот од Шар Планина за кој се води постапка за прогласување за заштитено подрачје од 2 категорија –  Национален Парк!

Заштитата на природното богатство на Македонија треба да биде од највисок национален приоритет. За овој потег на Министерството свој коментар на ФБ има и Тони Поповски, поранешен министер за животна средина и просторно планирање.

“Вистински, навремен, практичен и нужен потег на Министерот и МЖСПП.

Следејќи ги состојбите во општините Охрид и Струга, урбанистичкиот притисок (дипломатски кажано) и „крикот“ на министерката за култура Стефкоска за враќање на надлежностите за урбанистичко планирање на Владата (читај Министерство за транспорт и врски) љубопитен сум да осознам што се случува со Предлог Законот за заштита на природното и културно наследство на Охридскиот регион.

Овој Закон беше подготвен од страна на Министерството за култура во 2019 година со цел да се подобрат решенијата особено во УПРАВУВАЊЕТО со земјиштето во регионот и воведување на построга заштита на природното и културно наследство, во споредба со претходниот Закон за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион од 2010 година кој не понуди најсоодветен основ за активни мерки на ЗАШТИТА, видливо и од континуираната девастација на просторот.

Законот НЕ е експлицитно наведен во Програмата на Владата но Охридското езеро е спомнато во поглавјето за заштита на животната средина и зелен развој.

Можеби излезно решение е да се побара основ за ваков посебен закон за Охридскиот регион и во Законот за заштита на природата, бидејќи како во случајот на Шар Планина до (ре) прогласување во соодветна или неколку категории на заштита за делови од Охридскиот регион, ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ВОСПОСТАВИ ПРИВРЕМЕНА ЗАШТИТА.

Го имаме НП Галичица, водното тело на езерото – споменик на природа а целото крајбрежје со селата и градските јадра на Охрид и Струга во категорија на карактеристичен предел. Само така може да се воспостави нов режим на управување со земјиштето со сите неопходни активни мерки, нов РЕЖИМ на кој се потчинува Законот за урбанистичко планирање.”