Градот Скопје во соработка со здружението ЕРГОС од Скопје започна со реализација на проектот  Еко-дрон патрола, односно прелети со дрон низ територијата на Скопје во потрага по потенцијални загадувачи, огнови на отворено и можни создавања на диви депонии.

Во рамките на оваа соработка, ЕРГОС Скопје во партнерство со Центарот за одржлив развој Елипса,  досега реализираше 12 прелети со еко-дрон над земјоделските површини во околината на градот и не е забележано ниту едно палење на стрниште или создавање на нова депонија. Следното прелетување со дрон ќе се направи во текот на следната недела и дел од прелетите ќе се емитуваат во живо на официјалната фејсбук страница на Град Скопје.

Еко дрон патролите ќе вршат прелети во текот на месеците септември, октомври и ноември со цел во текот на овие три месеци кога завршуваат земјоделските активности во атарите на градот да ги откријат и евидентираат загадувачите во Скопје.

По извршените прелети со дрон над околината на градот, снимките и фотографиите ќе се предадат како материјали и инспекторите во Град Скопје за да можат веднаш да реагираат на терен,  да поднесат пријава и да ги гонат потенцијалните загадувачи.

Овој проект е дел од Програмата за активностите на Град Скопје од областа на соработката со здруженија на граѓани и фондации за 2020 година. Целта на еко-дрон патролата е да се подобри животната средина со зголемување на мотивацијата, но и активно вклучување на локалното население, пред се земјоделците од околината на Скопје, во процесот на унапредување на животната средина и спречување во загадување на воздухот, водите, почвата и јавните зелени површини.

Извор: https://skopje.gov.mk/mk/vesti/2019/13-09-2020-eko-dron-patrola/