Националниот парк „Маврово“ е дел од брендот паркови „Динариди“ – проект на организацијата Светски фонд за природата (WWF), чијашто цел е да се работи на признавањето на подрачјето Динарскиот лак, што се протега на север од Трст во Италија до Македонија на југ и кој е исто толку значаен како и Алпите или Карпатите. Динарскиот лак допрва треба да стане синоним за одржлив развој  со планински еко-туризам и зачувување на природните реткости.

Името Маврово значи Црно Поле и ѝ било дадено на областа по некоја голема битка во минатото. Мавровското (Црно) Поле, било потопено во 1953 година, со цел да се создаде Мавровското Езеро.

 

Со површина од 73.088 хектари Националниот парк Маврово е најголем од досега прогласените национални паркови во Македонија, чија територија ги опфаќа јужните делови на Шар Планина, западните и централните делови на Бистра и сите делови на Кораб и Дешат. На просторот на паркот се наоѓа и највисокиот врв во Македонија, Голем Кораб висок 2.753 метри.

Средишниот дел на националниот парк го зафаќа долината и сливот на реката Радика, во кој се наоѓаат голем број на интересни геоморфолошки форми како: клисури, стрмни отсеци, стени со различен облик, пештери и сл.

Просторот на паркот има особено значење за научно – истражувачка, воспитно – образовна, културна и туристичко рекреативна намена. Низ природните убавини на паркот распослани се голем број на културно – историски споменици, од кои најзначаен е манастирот Св. Јован Бигорски, познат по неговиот иконостас. Подрачјето се карактеризира и со големо богатство на етнографски вредности: типот на куќите, народната носија, обичаите и песните.

Маврово е познато по еден од најубавите ски-центри во Македонија што е сместен на падините на планината Бистра. Најсовремено опремен за љубителите на алпското скијање, турно скијање (free ride skiing), сноуборд, крос-кантри – од скијачи-почетници до врвни професионалци, со најсовремена опрема за одржување на бројните патеки и нивно деноноќно користење.

Центарот поседува единаесет ски-лифтови и три жичарници со вкупна должина од 5.700 метри и капацитет од 11.100 патници на час. Се скија на 1.255 до 1.860 метри надморска височина со професионална подготовка на патеките со помош на шест ратраци. Должината на скијачките патеки под жичарниците е 5.000 метри, а на ски-лифтовите од 10.000 метри. Патеките се осветлени и озвучени за ноќно скијање, а има и кафе-барови (бачила), ски-патрола, амбулантна моторна санка и други моторни санки, машина за правење на вештачки снег, ски-школа со врвни инструктори. Просечната снежна покривка во текот на зимата е 70 сантиметри, а сезоната трае од ноември до април.

Вегетацијата на паркот е застапена со голем број на растителни видови кои имаат терциерно потекло. Шумските заедници може да се расчленат на неколку еколошки групи. Во најниските делови на паркот, покрај реките Радика и Мала Река, каде има големо влијание на медитеранската клима, се наоѓаат субмедитерански термо – ксерофилни шуми во кои се застапени заедници на благун – белгаброви шуми. На изразито стрмните и непристапни делови, во кањонскиот дел на Радика застапени се црногаберовите шуми и шикарите од благун и бел габер. Во паркот најголема застапеност има заедницата од горска букова шума (Fagetum montanum) која формира висински појас со амплитуда од 1300 до 1550 метри. Исто така релативно големи површини завзема и заедницата на горската букова шума со ела (Abieti fagetum), која се карактеризира по богатиот флористички состав во кој приближно подеднакво учествуваат буката и елата.

Во највисоките делови на буковиот регион застапени се субалпските букови шуми кои главно претставуваат горна граница на шумската вегетацијa. Застапеноста на смрча (Picea excelsa) на подрачјето на Националниот парк Маврово има локален карактер. Таа се наоѓа само на еден локалитет – во горниот тек на Аџина Река, што претставува и најјужен ареал на нејзиното распространување во Европа.

Флористичкото богатсво на Националниот парк Маврово се отсликува со над 1000 видови виши растенија од кои 38 видови дрвја, 35 видови на грмушки, а околу 100 се ретки или ендемични видови за Балкнаскиот Полуостров.

Фауната на Националниот парк Маврово се состои од 140 видови птици од кои позначајни се: сивиот сокол( Falco peregrinus Tunst), орелот крстач (Aquilia heliacal Sav), суриот (златен) орел (Aquilia chrysaetos L.), шумскиот був (Strix aluco), големиот був (Bubo bubo), ливадската еја (Circus pygargus), степската еја (Circus macrouris), 11 видови водоземци, 12 видови на влечуги и 38 видови на цицачи. Од цицачите најважни се: мечката (Ursus arctos L.), рисот (Lynx lynx L.), дивокозата (Rupicapra rupicapra L.) и дивата мачка (Felis silvestris Schreb).

Сафари-парк „Бунец“ – репродуктивен центар за европскиот елен

Овој центар зафаќа територија од 430 хектари, што е обиколена со заштитна ограда. Во него посетителите можат да видат европски елени, како и елен лопатар. Локалитетот изобилува со прекрасни места за одмор, многу видиковци, чешма со ладна изворска вода, а од неодамна е поставена набљудувачница – идеално место за набљудување на животните од кое ќе можат да се направат прекрасни фотографии.

Освен природните убавини на Маврово, причина плус за негова посета се и хотелите и бачилата направени во планински стил каде можете да се сончате на планинското сонце со планински чај, варена ракија и туршија и да уживате во облините на снежната кралица Бистра.

Посакувате да бидете на некое планинско место, каде ќе можете да уживате во чистиот воздух?

Дефинитивно Националниот парк Маврово е наш предлог за викендот што доаѓа!