Швајцарската компанија Swiss Alpine Air го собира најчистиот воздух од швајцарските Алпи. Производот кој е воздух, собиран од повеќе локации на швајцарските Алпи и компресиран во аеросолна конзерва, според извршниот директор на компанијата Дени Вур, има потенцијал да стане главен светски играч на новиот пазар на воздух за дишење.

„Овој производ е за популации кои живеат со ужасно загадување, загадување кое може да им го скрати животот и да им создаде здравствени проблеми. Една конзерва од Швајцарија не е одговор на нивниот проблем, но убаво е да се дише чист, свеж воздух дури и за кратко“, изјави извршниот директор на компанијата Дени Вур.

Воздухот во конзерва (спреј) доаѓа со маска што се лепи на лицето и помага во дишењето. Цената за една конзерва со „алпски“ воздух за 120 вдишувања, поточно 10 минути изнесува 18.47 швајцарски франци.

Ова не е првпат швајцарскиот воздух да се најде на продажба. Во февруари, друга компанија започна да полни тегли со чист воздух кои чинеа 167 долари. Чистиот воздух е собиран од „тајна локација“ на Швајцарските Алпи, велат од компанијата.