Реката исчистена, ѓубрето оставено на брегот! Кумановчани реагираат за ситуацијата!

По спроведената акција за чистење на речното корито на Кумановската река, купишта од отпадоци наместо да се остават на соодветно место, останаа да трулат и гнијат на брегот од реката, позади зградите кај Мај Маркет.

Најзасегнати од ситуацијата се станарите коишто живеат во околните згради и упорно реагираат до Општината и надлежните служби да го исчистат нередот што го оставија зад себе.

Акцијата беше извршена кон крајот на месец јуни, а ѓубрето веќе еден месец трули и гние, загадувајќи ја околината и ширејќи непријатна миризба. Сега е летен период и температурите се повисоки што уште повеќе ја влошува состојбата.

Луѓето се загрижени и не смеат да ги пуштат надвор дечињата да се играат, плашејќи се од зарази, оти насекаде летаат муви и комарци. Како што велат и самите избегнуваат да излезат во дворот или да отворат прозорец, па затоа бараат моментално надлежните служби да реагираат и  да ја исчистат депонијата.

На терен бил денесен багер кој требал да исчисти, но истиот стоел 3 дена, без да работи и бил тргнат. Од Општината информираат дека на изнесување на ѓубрето работела фирма донатор, но се расипал багерот и кога истиот ќе биде оспособен за работа, акцијата ќе продолжи.