Реакции по поставената дивоградба на платформа за кафеана на Матка

По веста објавена од порталот sdk.mk за дивата платформа која е поставена на Матка, во јавноста се јавија многу реакции.

Како што се наведува во веста највероватно се работи за кафеана, која е никната во кањонот Матка. Од Град Скопје не знаат за што станува збор, но од Кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов велат дека градбата е нелегална и дека за овој потег немаат издадено никаква дозвола. Од Општина Сарај никој не одговара на прашањата.

Платформата од железна конструкција се гради во езерото, покрај патот на кањонот. Распослана е од бетонскиот ѕид до патот, низ карпите на кањонот и неколку метри во езерото. Покрај платформата стојат и цевки и дрвени греди, а на едниот крај изведена е дрвена куќарка, која личи на шанк.

Во прилог е ФБ статусот објавен на од г-дин Васил Анастасовски, еден од експертите во Македонија кои најдобро ја познаваат овааа проблематика:

Објектот на природата Кањон Матака е пргласен за заштитено подрачје во 1994 година со одлука донесена од Собранието на Град Скопје („Службен гласник “ број 3 – страна 72 од 16 мај 1994 година). Според пропишаниот режим на заштита, алинеја 2, стои дека „се забранува изведување на сите видови градби на подрачјето на споменикот на природата, освен усвоениот хидроенергетски објект со водостопанската основа – браната Матка. Според член 76, алинеа 3 од Законот за заштита на природата – Пречистен текст (67/04; 14/06 и 84/07) „ во спомениците на природата и во нивната непосредна близина не се дозволени активности кои ги загрозуваат нивните обележја и вредностите заради кои се прогласени за споменици на природата“. Земајќи го во предвид Законот за заштита на природата и одлуката за прогласување на Кањонот Матка за заштитено подрачје Државниот инспекторат за животна средина преку надлежниот државен инспектор за заштита на природата треба да утврди дали започнатата градба на објектот е во согласност со условите и мерките за заштита на природата утврдени со Законот за заштита на природата како и со другите прописи донесени врз основа на овој закон.
При тоа, треба да се има во предвид дека споменикот на природата Кањон Матка е идентификуван како Емералд подрачје и е вклучен во Националната емералд мрежа (МЖСПП, 2009), заради присуство на типови на природни живеалишта од европско значење и присуство на значајни растителни видови.
„Емералд“ e европска еколошка мрежа за зачувување на дивата флора и фауна и нивните природни живеалишта во тие земји кои не се членки на ЕУ. Оваа мрежа на подрачја се протега низ цела Европа, од Канарските острови до Кавказ, и од Турција до Лапонија. Покрената е во 1998 година од страна на Советот на Европа, како дел од работата во рамките на Конвенцијата за зачувување на европската дива флора и фауна и природните живејалишта, односно Бернската конвенција, којашто Република Македонија ја има ратификувано со Законот за ратификација, „Сл. весник на РМ“ бр. 49/97 а стапила на сила во 1999 година. Во државите коишто се членки на ЕУ, Емералд мрежата идентична е со еколошката мрежа НАТУРА 2000. Во земјите кандидати за ЕУ, како што е нашата земја, Емералд мрежата претставува припрема за директен допринос во имплементацијата на Натура 2000.
Кањонот Матка претставува еден од најголемите рефугијални центри на реликтната и ендемичната флора и фауна во нашата земја.

 

Линк од веста: https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/diva-platforma-za-kafeana-nikna-na-matka-grad-skopje-ne-znae-shto-e-opshtina-saraj-ne-kazhuva/?fbclid=IwAR3WO1ubuIJXWXs1za5S85LZYLCnmCSqj7mbdhMYGjxmFufVoxV8Q5ZdzNE#.XGGjlS3q734.facebook