Првиот  комерцијален лет на Virgin Atlantic со гориво од рециклиран отпад

Авионот на ”Virgin Atlantic” кој леташе на релација од Орландо до Лондон е првиот комерцијален лет што користи млазно гориво делумно направено од рециклиран индустриски отпад. Boeing 747, кој минатата недела слета на лондонскиот аеродром Гетвик,  користеше мешавина од нормално млазно гориво и етанол направен од отпадни гасови од фабрика за челик.

Според  Richard Branson, основачот на ”Virgin Atlantic”, овој лет е голем чекор кон создавање на новото гориво, бидејќи покажува дека истото не мора да биде директно извадено од земјата.

Летот на  Boeing 747 е направен со гориво што во својот состав вклучува 5% од рециклирано отпадно гориво. Од компанијата најавуваат дека понатамошната тенденција е да се оди на  дури 50 % од новото гориво во иднина, со што во многу би се придонело за намалување на емисијата на јаглерод на авиокомпаниите.

Американската компанија ”LanzaTech” која го произведе  горивото тврди дека новата мешавина  може да обезбеди до 20 % од горивото во авионската индустрија. Доколку тоа се случи,  емисијата  на стакленичките гасови ќе се намали за дури 65 % во споредба со конвенционалното гориво.

”Virgin Atlantic” се обидува да ја добие поддршката на владата на Велика Британија за изградба на три фабрики во земјата до 2025 година, за производство на 125 милиони литри гориво на годишно ниво.

Jennifer Holmgren, главен извршен директор на”LanzaTech”, рече дека производството на ваков вид на гориво јасно покажува дека во иднина на отпадот на јаглерод  треба да се гледа како можност, бидејќи може повторно да се употребува.