Унапредување на заштита на природата и животната средина и судската заштита на правото на здрава животна средина преку унапредување на правната регулатива беше тема на иницијалната расправа која денеска се одржа во просториите на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) во Скопје. Настанот го организираа Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ, во соработка со Македонското здружение на млади правници и Центарот за правни истражувања и анализи со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Укажувајќи силна подршка на правната научна фела, како и на невладините организации кои се занимаваат со правото во животната средина министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини во своето обраќање нагласи:„ Како министер за животна средина должност ми е да ја заштитувам животната средина и верувам дека ќе го постигнеме тоа доколку соработуваме со правните експерти, професорите и граѓанското општество бидејќи ова не е работа за една институција“. Според Нуредини посакуваното ниво на заштита на животната средина може да се постигне само доколку се воспостави добра меѓусекторска соработка бидејќи постоечките закони треба да се унапредат и да се усогласат со ЕУ директивите, но и да се овозможи нивна подобра имплементација, бидејќи не е доволно само напише некој закон.
Расправата се организира со цел да го поттикне научниот интерес и да обезбеди поголема вклученост на правната научна фела во подобрување на правната рамка и во функционирањето на правните механизми за заштита на животната средина која треба да се подигне на повисоко, приоритетно ниво во државата.
Според академик Владо Камбовски, од Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при Ману, заштитата на животната средина е еден од приоритетите на глобалните цели на развој до 2030 година на Обединетите Нации и заслужува посебна научна обсервација и истраживања поради критичната состојба со заштитата на здравјето и заштитата на животната средина.
Од средбата ќе прoизлезе конкретна истражувачка програма која ќе биде доставена до МЖСПП и ќе биде основа за понатамошни активности во оваа област.

Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање