По објавувањето на предлог буџетот за 2018 година, неговото разгледување и пред сѐ по објавената темелна анализа од страна на О2 Коалицијата за чист воздух, можеме да констатираме дека заштитата на животната средина повторно е на опашката на државниот интерес.

Фактот дека буџетот за животна средина изнесува само 0,4 % од вкупниот буџет на државата и водени од делот дека овогодинешниот буџет летово беше скратен за 23 %, а со последниот ребаланс од минатата недела уште за 8,8 %, а сето тоа надополнето со 70 % искористеност на буџетот за заштита на животната средина, анализата на Коалицијата О2 за чист воздух реално ја отсликува моменталната состојба во државата на кое ниво се третира животната средина.

Ако се погледне буџетот предвиден за Министерството за животна средина и просторно планирање, ќе се увиди дека добар дел од овие 0,4 % се наменети за администрацијата, плаќање сметки за струја (за проектот за Дојранско Езеро), просторни планови и др.

Пример: За администрација се издвојуваат 736,721 евра, а додека за мониторинг и заштита од аерозагадување се издвојуваат 635.574 евра. Сето ова јасно е прикажано во анализата на О2 Коалицијата за чист воздух, преку следниот графички приказ.

Еко Република целосно се согласува со генералната констатација на О2 Коалицијата за чист воздух, дека имаме екстремно мал буџет за животна средина, хронично ниска реализација на планираниот буџет и дека е време да се отстранат причините за вака слабата реализација. МЖСПП потребно е да покаже агилност во побарување на сите финансиски средства кои се слеваат во буџетот на Република Македонија по основ на различни давачки и даноци поврзани со животната средина.

Во продолжение ви пренесуваме дел од Анализата на О2 Коалицијата за чист воздух, која се однесува на рекордно најнискиот удел за заштита на животната средина во најголемиот буџет досега за 2018 година:

„Ако го погледнете Буџетот за 2018 ќе видите дека за Заштита на животна средина планирани се, замислете дури ЦЕЛИ 0.4% од вкупните расходи! Најниско до сега. Без конкуренција. Колку да споредите за Култура планирале 1.95% , за Одбрана 2.82%, за Судови 1.34%, итн.

Нели здравата животна средина, чистиот воздух, чиста вода ќе беа ПРИОРИТЕТ?! Или толку беше, кампањите завршија, па може да се продолжи по старо, со празни реторики, некои минискулни поместувања, а во реалноста  само 0.4% одвоени за Заштита на животна средина. Браво!

Сега може ќе кажете, ама не е така, ние за гасификација одвоивме највеќе до сега. Па и тоа се смета. Не, не се смета, зошто да беше така, гасификацијата ќе беше дел од Заштита на животна средина, ама не е. Но, еве нека биде така. За 2017 беа планирани 1.12% за гасификација, а 0.95% се планирани за 2018. Каде се одвоиле повеќе од вкупниот Буџет? 2017 или 2018? Е сега, колку од тоа се реализирало или ќе се реализира е веќе сосема друга приказна. На крај овие бројки може да се сосема поинакви. Најчесто пониски.

Министерството за животна средина и просторно планирање е едно од тие со хронично ниска реализација од планираното. Да не кажеме фиксирана околу 70%. Зaштита на животна средина котира малце подобро. На што се должи вака ниска реазлизација на и онака малиот буџет, нам не ни е познато, но очекуваме да ни разјаснат како МЖСПП, така и Министерството за финансии.  Она што знаеме е дека оваа пракса мора да запре. Почнувајќи со 2018 година.

Средете си ги причините за вака лоша реализација. Доста беше повторување. Научете си ја лекцијата веќе еднаш.

Доаѓаме до тоа кој е виновен за вака срамно ниските удели за Заштита на животна средина и за Министерството за животна средина и просторно планирање.

Сегашнава Влада на два пати го намали годишниов буџет на МЖСПП, министерството клучно за намалување на загадувањето. Летоска го скрати за 23%, а изминатава сабота Собранието си изгласа уште 8.8% намалување. Образложение беше дека и онака тие пари нема да можат да се искористат. Повторно доаѓаме до таа магична бројка на 70% искористеност.

Како да се планира од самиот почеток само толку да се потроши.

МЖСПП за 2018 побарало 14,4 милиони евра, Министерството за финаснии му одобрило помалку од 10,7. Четвртина од побараното не одобриле, што е 3,7 милиони евра. Од Министерството за финансии неформално ни беше кажано дека барањата за поголем буџет за заштита на животна средина и намалување на загадувањето треба да ги упатиме до МЖСПП, зошто преку нив се реализираат овој тип на програми и за тоа секогаш има пари. Зошто тогаш не е одобрен побараниот буџет во целост?

Од друга страна пак, Министерството за животна средина и просторно планирање постојано се жали дека имаат хронично ниски средства, далеку од она што е потребно за да се спроведат програмите и плановите кои ги напишале одамна, барем повеќето. Сумата која ја побарале за 2018 е 0.37% од вкупните расходи. Како да ти даде некој повеќе пари, кога не ги ни бараш? Од 2010 наваму само еднаш имало пониска, 0.25% за 2016 год. Втората најниска е доделениот им буџет за нареднава 2018 година, 0.28%.

На здравје нека ни е! Дури сега нема да мрднеме од мртвата точка каде сме заглавени долго време.“

Целокупната Анализа на О2 Коалиција за чист воздух може да ја погледнете тука.