На 20 километри од Кочани, на надморска височина од 1.560 метри се наоѓа еден од најпознатите зимски туристички центри – преубавата Пониква.

Поради поволната клима Пониква претставува извонредно место за летен и зимски туризам, а со тоа заема особено важно место во развојот на туризмот и општиот развој на Осоговијата.

Осоговските Планини се еден од пределите на нашите простори што можат да се пофалат со епитетот вистински еколошки и чист крај. Чистиот воздух и во лето и во зима дејствува како еликсир за белите дробови.

Во предел со густа букова шума и разновидна вегетација со уредените скијачки, но и пешачки патеки, тоа е едно од најпосетените места во Осоговијата. Зимските денови во Осоговијата секоја година се сврзани со дебели слоеви снег.

Тука снегот се задржува по речиси шест месеци во годината, а честопати повеќе месеци се задржува снежна покривка од барем триесетина сантиметри.

Урбаниот простор опфаќа два ски – лифта, викенд-куќи, автокампови, бунгалови, објекти за дневно снабдување, повеќенаменски простори, терени за спорт и рекреација, хотели, одмаралишта, угостителски објетки, сервис и услуги за скијачка опрема.

 

Посебна туристичка атракција за љубителите на ловот, во непосредна близина на Пониква е резерватот за дивеч „Полаки“. Комерцијалното ловиште – резерват, покрај сместување, на посетителите им нуди можност за лов, а љубителите на природата овде ќе можат да уживаат и во берење на разновидни чаеви или, пак, печурки.

Фото: Ponikva.info