ПОЛСКА – Судот одлучи, Државата е виновна за непреземање доволно мерки против аерозагадувањето

Европската легислатива, посебно директивата на Европскиот парламент од 2008 година, ја обврзува Полска да води сметка за загадувањето на воздухот. Државата од тогаш презеде серија мерки, но со задоцнување и недоволно ефикасно. Затоа (државата) е виновна поради недоволна активност. Ова го изјави судијката Барбара Сита-Латала која го водела процесот, по тужбата против Полска која беше покрената минатиот месец од неколку јавни личности во Полска, предводени од актерката Гражина Волшчак. Во тужбата се тврдеше дека државата „не презема доволно мерки полските градови да не бидат меѓу првите на неславната листа на најзагадени места за живот во Европа“.
Судот во Полска донесе одлука дека државата мора да им плаќа отштета на Полјаците затоа што „не води доволно решителна и ефикасна борба против загадувањето на животната средина и со тоа го крши нивното право на слободно движење и дишење чист воздух“..
Во пресудата се констатира дека државата го погазила правото на Волшчак на слободно движење и дишење чист воздух, како при прошетки, така и при проветрување на просториите во нејзиниот дом.
Сосема е сигурно дека и е нанесена штета, бидејќи таа не може да се бави со активности на отворено без страв за своето здравје, оценува судијката Сита-Латала во пресудата, со која и се налага на државата да и исплати отштета на Волшчак од 1.190 евра.
Ова претставува прва пресуда во полски суд со која се потврдува правото на граѓаните на дишење воздух незагаден со смог.