По Македонија, и Франција со субвенции за електрични автомобили

0
151

Француската влада планира низа мерки и субвенции за намалување на бројот на автомобили кои ја загадуваат животната средина, како и за домаќинствата кои се затоплуваат со стариот систем на греење на фосилни горива.

Министерот за животна средина на Франција, Nicolas Hulot како што изјавува за францускиот дневен печат Libération, буџетот за 2018 година, вклучува низа мерки за ограничување на климатските промени, намалување на загадувањето и помош на семејства со ниски месечни примања.

Франција планира од 2018 година да започне со доделување од 500 до 1.000 евра за сите граѓани кои имаат автомобили на бензиски погон регистрирани пред 1997 година и автомобили со дизел мотор кои се регистрирани пред 2001 година, а кои сакаат да купат нови автомобили и половни возила со ниска емисија на CO2.

Исто така, владата на Франција планира и стимулација од 2.000 евра за сите домаќинства со ниски примања.

Околу три милиони стари автомобили ги исполнуваат условите да бидат заменети, а француското Министерство за животна средина очекува до крајот на следната година да бидат заменети околу 100.000 стари автомобили.

Сите сопственици на автомобили кои ќе купат електричен автомобил ќе добијаат 2.500 евра како стимулација.

Во 2019 година, францускиот Министер за животна средина најавува субвенционирање на кредити за изолација на станови во износ од 3.000 евра, за сите семејства со ниски месечни примања кои ќе се одлучат да ги заменат старите системи за греење на фосилни горива.

Инаку, Република Македонија во 2016 година промовираше пакет мерки за субвенционирање до 5.000 евра при купување на електрични автомобили, увоз на електрични возила без царина и акциза, ослободување од патарина, бесплатен паркинг, бесплатни полначи на бензинските пумпи и ред други мерки. Дел од овие мерки беа реализирани во Скопје, како поставување на брзи полначи на бензинските пумпи, а дел се  предвидуваа да почнат да се применуваат во текот на 2017 година со комплетна примена на сите предвидени мерки во наредните 10 години.

Останува да видиме дали новата Влада на Република Македонија ќе продолжи со примена на овие пакет мерки за заштита на животната средина за намалување на емисијата на штетните издувни гасови.