После Кина, кулата „правосмукалка“ на смог Smog Free Tower на Studio Roosegaarde нуди чист воздух на нова локација, но овојпат во Европа во Полска.

Кулата опишана како „прв вакум во светот за чистење на смог“ ќе биде инсталирана во паркот Јордан во Краков и ќе започне да го прочистува воздухот од 16 февруари па сѐ до 15 април.

Во кулата, која ќе биде со висина од околу 7 метри, има вградена технологија што го прочистува воздухот од смог, односно го вовлекува загадениот воздух, го прочистува и испушта свеж и чист воздух во околината.

Посетителите исто така ќе имаат можност во Музејот на современата уметност во Краков да го видат и прстенот изработен од собраните, а потоа рециклирани штетни честички – The Smog Free Ring  како дел од концептот The Smog Free Project.

Од компанијата велат дека просторот околку кулата е за 55 – 70% почист од остатокот во градот, а истражувањата на универзитетот за технологија во Ајндховен ја потврдиле таа ефикасност.

Инаку Краков се бореше со смогот во 2016 година, кога Krakow Post објави дека квалитетот на воздухот во градот често е полош од другите градови кои се познати по загадувањето на воздухот како Лос Анџелес и Пекинг. Во денови на зголемено заерозагадување, концентрациите на штетните честички во градот достигнувале и ниво за шест пати повисоко од дозволеното.