Во Европската унија од 1-ви септември започнаа да се применуваат построги и „пореални“ тестови на штетните гасови од автомобилите, откако ЕУ, а особено Германија ја погоди аферата Dieselgate. Овој потег го поздрави и автомобилската индустрија и потрошувачите. Новите тестови треба да ги затворат „дупките“ во прописите што понекогаш ги користеле производителите на автомобили за да ги измамат возачите.

Со новиот лабораториски тест WLTP се воведуват значително пореални услови за мерење на емисиите на јаглерод диоксид (CO2) и на други загадувачи. Овие тестови ќе обезбедат многу попрецизна основа за мерење на потрошувачката на гориво и штетните емисии на гасовите од возилото.

Вториот тест – RDE, се однесува на мерење на емисиите на патиштата, а Европа ќе биде единствениот регион во светот што има вакво тестирање.

Во рамките на RDE автомобилот ќе има портабл опрема за мерење, со која ќе се тестира возилото на патиштата под различни услови за возење.

Тестот RDE е додаток на WLTP-тестот и треба преку возење на пат да се потврдат резултатите од лабораториските тестови.

Новите тестови засега ќе важат само за новите автомобили, а од септември 2018 година за сите возила. Благодарение на нив ќе се „затворат“ дупките во законодавството кои датираат од пред половина век, а производителите на автомобили понекогаш во голема мера ги користеле.

Некои од производителите при тестирањата премногу ги надувувале автомобилските гуми како би го оптимизирале отпорот на тркалата, или  користеле специјални моторни масла, или ја намалувале тежината на возилото.

Скандалот Dieselgate избувна во септември 2015 година, кога беше откриено дека Volkswagen во 11 милиони возила на дизел продадени во целиот свет, вградиле софтвер за фалсификување на податоците за емисиите на азотни оксиди.

„Потрошувачите веќе премногу долго се лажени кога станува збор за количините на бензин или дизел кои ги „голта“ нивниот автомобил и тие на крајот секогаш плаќаат многу повеќе за гориво отколку што се очекувале“, рече директорот на Европската организација на потрошувачите (BEUC) Monik Goyens и го поздрави воведувањето на новите тестови.

Тие, сепак, предупредија дека ЕУ и земјите – членки треба внимателно да ја следат имплементацијата на новиот систем за тестирање и да се обезбедат целосни информации за потрошувачите во текот на периодот на транзиција.

“Ги повикавме сите членки да им обезбедат на потрошувачите пристап до информациите, најдоцна до 1-ви јануари 2019 година. Ова е важно за луѓето кои купуваат автомобили, што е можно поскоро да имаат точна информација, но без создавање конфузија во периодот на „транзиција““, истакнува директорката на Организацијата на потрошувачите.

И европските производители на автомобили здружни во организацијата ACEA го поздравија воведувањето на новите тестови и истакнуваат дека автомобилската индустрија веќе има многу инвестирано во значително намалување на емисиите од возилата со дизел мотор.

„Овие дизел возила ќе имаат многу ниска емисија на загадувачки материи, не само во лабораториски услови, туку и на патиштата“, истакна Генералниот секретар на ACEA Erik Jonnaert.

„Ние веруваме дека последната генерација на дизел возила значително ќе им помогне на градовите да се насочат кон исполнување на целите на ЕУ за квалитетот на воздухот во градовите“, додаде извршниот директор на Здружението на производители на автомобили.

Оваа асоцијација го поздрави фактот, дека благодарение на тестот за RDE на ниво на ЕУ повеќе нема да има конфузија поради употребата на „мноштво на различни тестови и, исто така, различни и неспоредливи методи и резултати“.