По повод Меѓународниот ден на чисти планини, ООН го одбележува овој еколошки настан со тема „Планините под притисок: клима, глад, миграции“

Речиси една милијарда луѓе од светската популација живее во планинските предели, а повеќе од половината од човечката популација ја користи водата, храната и чистата енергија директно од планините.

Сепак, планинските предели се наоѓаат под закана од климатските промени, деградација на почвата, природни катастрофи, а сето тоа проследено со потенцијално крајно уништувачки последици за планинските предели и остатокот од светот.

Планините претставуваат рани индикатори за климатски промени и како што се зголемуваат температурите –  продолжува процесот на глобалното затоплување, а луѓето кои живеат во планинските предели се соочуваат со уште поголеми проблеми за да преживеат. Зголемувањето на температурите исто така значи дека планинските ледници се топат во големи размери и влијаат на снабдувањето со свежа вода за пиење за милиони луѓе, како и намален прилив на свежа вода во подземните води.

Климатските промени и предизвиканите климатски катастрофи, ја зголемуваат ранливоста на луѓето кои живеат во планинските предели со недостаток на храна и живот во екстремна сиромаштија, а сето тоа е надоплнето и со  маргинализираноста  од политички, економски и социјален аспект.

Моментално, околу 39% од човечката популација во планинските предели во земјите во развој или 329 милиони луѓе се сметаат за ранливи категории поради недостатокот на храна.

Како што ранливоста на човечката популација во планинските предели расте, така расте и миграцијата во урбаните средини, што може да влијае на одржувањето на културниот диверзитет и агро-биодиверзитет.

Оваа година, „Планините под притисок: клима, глад, миграции“ ќе биде тема на Глобалниот состанок за планинско партнерство, кој ќе се одржи од 11-13 декември, во организација на Организацијата за храна и земјоделство на ОН во Рим, Италија со главен фокус на предизвиците и можностите за одржлив развој на планинските предели.