Марија Додовска

ПЕТ ГРАДОВИ КОИ ЈА ОСТАВААТ ЕКОЛОШКАТА НАДЕЖ И СВЕСТ ВО ДЕНЕШНИЦАТА!

Општеството во кое живееме за жал подолг временски период на одредени простори е поставено на многу ниска свест, која треба да ја дефинира и минималната рамка кон еколошкиот начин на живеење. Но забележително е дека и оваа минимална еколошка рамка е исчезната. Особено е важно да се потенцира дека ваквите рамки имаат отворено и интересна дебата кон менувањето на начинот на живеење. Ваков вид на дебати  се спроведени и во нашата земја која важи за една од оние земји каде еколошкиот развој нема константа, а забележителни се негативни еколошки состојби кои во моментов државата ја стааваат во групата на земји кои треба многу да инвестираат во својата еколошка иднина. Затоа, сакаме да издвоиме пет интересни града во светот кои својата еколошка димензија ја манифестираат преку убавите зелени улици и скриените еколошки делови кои ја враќаат надежта кон зачувувањето на Планетата Земја.

СИНГАПУР

Сингапур е класифициран како извонредно чист град и претставува една од најеколошките метрополи во светот. Во суштина Сингапур е мала островска земја која се дефинира и како град-држава, а се наоѓа во јужниот дел на Малајскиот остров во Азија. Заради својата специфичност градот-држава восхитува со својата убавина која привлекува голем број на посетители. Раскошот на убавиот начин на живеење го одвојува овој град како посебно место. Сингапур плени со бројни водопади изградени од луѓето, па и најголемиот антропоген водопад кој е висок дури 35 метри се наоѓа во внатрешноста на огромна ботаничка градина. Овој град припаѓа меѓу најеколошките градови во светот, а сингапурската ботаничка градина која е стара преку 150 години како уникатен локалитет е ставена на листата на УНЕСКО. Без оглед на бројните вонвременски облакодери и згради, зеленилото има свое посебно место кое го прави овој град толку посебен. Исто така, огромниот број на патеки за велосипедисти и пешаци, го зголемува уживањето во Сингапур.

САН ФРАНЦИСКО

Сан Франциско се наоѓа на врвот на Санфранцисканскиот Полуостров, и претставува четврти по големина град во Калифорнија. Градот има развиено висок степен на култура на живеење, во која голем удел има и еколошкиот сегмент. Хипи-движењето оставило голем белег на калифорниското платно и придонело Сан Франциско да стане најзелениот град во Северна Америка како и низ светот. Овој град ја манифестира својата препознатливост по тоа што се декларира како првиот град во светот кој забрани продажба на пластични шишиња за вода. Факт е дека со фрлањето на пластичните шишиња, се врши  голем притисок врз животната средина а загадувањето со пластика претставува еден од најголемите еколошки проблеми на денешницата. Меѓу првите градови го воведе и системот за рециклирање со канти во боја, кои станаа задолжителна обврска за секој граѓанин. Исто така, Сан Франциско е познат и по еколошки јавниот транспортен систем кој е поддржан од владините мерки за користење на електрични автомобили кои исто така помогнаа овој град да стане препознатлива и урбана метропола и да израсне во еден од светските градови со најразвиена еколошка свест и култура. Сан Франциско со својот пример би можел со значителна важност да придонесе кон подоброто живеење на Планетата Земја.

ОСЛО

Специфичноста на овој град препознатлива преку изградена свест и преку начинот на живеење, го дефинира како град кој живее пред времето. Осло претставува прв еколошки град во Европа, со заслужена титула за развиената еколошка традиција и култура. Преку оваа титула, градот на зеленилото ги прифати “зелените“ проекти кои му помогна да се наметне во конкуренцијата со 13 други европски градови, да дојде до титулата европски главен град на екологијата. Сообраќајот во Осло се регулира преку подводен тунел кој околу него има хибридни возила на електричен погон. Речиси половина од продадените возила се комплетно електрични, има трамвај, електробуси и фериботи, кои користат еколошка струја. Во ледените зими многу домаќинства се греат на струја добиена од согорување на отпадот. Градските власти за таа цел определија климатски буџет, веројатно прв таков пример во светот. Поголемиот дел од граѓаните ги поддржуваат целите на градот за намалување на емисијата на штетните гасови и речиси над половина од нив ги поддржуваат целите дека треба да има забрана за автомобили во централното градско подрачје, додека другиот дел од граѓаните сакаат да се превземат мерките за остварување на климатските цели кои ќе направат Осло да ја задржи својата титула и да стане подобар град со поголема еколошка и културна свест.

КОПЕНХАГЕН

Копенхаген е главниот град на Данска кој се наоѓа на источниот брег на островот Зеланд и претставува метропола на зелената урбана архитектура, дизајн со одржлив развој и енергија. Атракцијата која го прави овој град уште поинтересен е претставена преку најпопуларното превозно средство-велосипедот. Културата на велосипедизмот е поддржана и со соодветна високоразвиена инфраструктура која го олеснува возењето. Исто така, Копенхаген е познат по големиот број еко-продавници за еколошка облека и храна која е интересен феномен за данскиот народ и за самата Данска. Се чини дека данците ја достигнале таа златна средина помеѓу хармонија и меѓусебната љубов и почит кон природата. Можеби, и затоа се најсреќните луѓе на светот.

Важно е да се издвои и периодот кога Копенхаген во раните деведесети бил кон работ на економски банкрот. Но, само за 15 години, градот од дното дојде до врвот и беше прогласен за најпосакуваниот град за живеење во светот. Пресвртница која за малку би ја променила историјата на овој град, но денес претставува феномен по кој е претпознатлив во цел свет.

КУРИТИБА

Убавата претстолнина на сојузната држава Парана во Бразил плени со својот шарм од зеленило кои се приметливи во секој агол од овој град. Куритиба со себе освен што е претстолнина на Парана, ја носи и титулата на најдобриот бразилски град за живеење. Ова се должи на воспоставените еколошки стандарди каде 70% од градскиот отпад се рециклира, а градот го доби и признанието за најзелен град со изградбата на еколошкиот систем на јавен превоз. Градскиот транспорт на Куритиба создаде модел на превоз од автомобил кон патување со автобус. Базирано на патничка анкета од 1991-ва, било проценето дека преку овој модел би се намалила и потрошувачката на горивото за 27 милиони литри годишно. Градските власти постојано работат на зазеленување, преку садење на 1 милион дрвја околу автопатите и создавање на сè поголеми зелени јавни површини. Развојот и подигнување на еколошката свест го претставува овој град како најпосакувана дестинација исполнета со голема култура.

Се надеваме дека би посакале и вие да ја почувствувате културата и традицијата на овие градови.

Марија Додовска

Искористени податоци:

https://popup.mk https://www.google.com/amp/s/amp.dw.com/mk/ https://mk.m.wikipedia.org/ https://www.porta3.mk/kako-kopenhagen-se-spasi-od-bankrot-stana-eko-grad/ https://mk.m.wikipedia.org/wiki/ https://www.fakulteti.mk/mobile/news/16-05-04/kako_gradot_kopenhagen_od_rabot_na_bankrot_stana_najposakuvan_grad_za_zhivot https://mk.m.wikipedia.org/wiki