Неодамна објавивме неколку шокантни видеа кои ја отсликуваат реалната состојба со пластичниот отпад, начинот и местото каде овој отпад завршува, како и последиците кои ги предизвикува. Но, како што количеството на пластика во океаните продолжува да расте, научниците ги посочуваат изворите на загадување, такашто само со добро менаџирање на пластичниот отпд, може да се спречи протокот на отпад во океаните. 

Во текот на последните шест децении, според една проценка во светот се произведени 9,1 милијарди тони пластика, а 7 милијарди тони завршиле како отпад. Голем дел од тој отпад завршува во океаните. Според други проценки, повеќе од 8 милиони тони пластика завршуваат во морињата секоја година.

 

Научниците од Центарот за истражување на животната средина во Германија, Хелмхолц (Helmholtz), сметаат дека имаат јасни детали за загадувањето со пластика, односно како истата завршува во океаните. Тие откриле дека само 10 реки сочинуваат 90 проценти од пластиката што се влева во океаните, а нивната студија е објавена во Environmental Science & Technology.

Проблемот со океаните исполнети со пластика е проучуван со години, но досега има малку информации за тоа како пластиката стигнува таму. Christian , хидрогеолог во центарот кој ја предводил студијата, верува дека за да се добие пластика од океанот, мора прво да се открие од каде доаѓа.

„Постојат екстремно мали пластични честички пронајдени во буквално секое море и река во светот. Пластичните честички се пронајдени дури и во водите во повеќе од десетина земји, вклучувајќи ги и САД. Бидејќи пластиката во суштина никогаш не се распаѓа целосно, таа е исклучително штетна за морските екосистеми. Често ги убива рибите, птиците и морските цицачи коишто пластиката ја помешуваат со храна“, вели Schmidt.

Би било невозможно да се исчисти целата пластика присутна во океаните и морињата, смета Schmidt, па единствено решение е брзо намалување на влезот на пластика, со надеж дека ќе се спречат штетните последици.

Schmidt и неговите колеги анализирале 73 претходни студии за водни површини ширум светот. Секоја студија вклучува информации за количината на пластика која била неправилно распоредена во разни сливни подрачја. Анализата опфаќа 240 индивидуални примероци на вода од 79 локации, покривајќи 57 реки.

Честички на микропластика со должина помала од 5 милиметри, биле откриени во 98,5 проценти од примероците на сливни подрачја, а големите пластични честички биле пронајдени во 55 проценти. Тимот на научници откриле дека количината на отпадот што завршува во океаните кореспондира со количината на пластика пронајдена во сливните подрачја. Според нив, и поголемите реки имаат позначаен придонес од помалите, бидејќи количината на пластика на кубен метар вода била многу поголема кај големите реки.

Само 10 реки се одговорни за 90 проценти од пластиката што тече во океаните. Осум од нив се во Азија и две во Африка. Рангирани по најголемо количество на пластичен отпад до најниско, се реките: Јангце, Жолта Река (Хоангхо), Хаи , Инд, Ганг, Нил, Бисерна Река (Џуџанг), Амур, Нигер и реката Меконг.

Овие 10 реки имаат неколку заеднички карактеристики, а една од нив и најважна е локацијата, такашто овие реки се во близина на големи концентрации на луѓе, каде што недостатокот на јавната свест за правилно отстранување на отпадот и рециклирањето придонесува за огромни количества пластика во реките, а со тоа и во океаните.

Schmidt и неговите колеги планираат да откријат колку долго време е потребно за пластичните остатоци од реките да се слеат во океаните, што е од клучно значење за спречување на „труење“ на океаните со пластика.

Според Schmidt правилното менаџирање со отпадот е од големо значење како за заштита на животната средина, така и за подигнување на свеста кај луѓето.

Инаку еден таков пример е Индија која го забрани користењето на пластика за еднократна употреба во главниот град Њу Делхи, што претставува добар пример за тоа како може да се намали загадувањето со пластика.

Видеата во кои е отсликана реалната шокантна состојба на океаните преполни со купови пластичен отпад може да ги погледнете на овие два линкови.