Ова е најголемиот прочистувач на воздух во светот

0
287

Она што е наречено најголем прочистувач на воздух во светот, сега е во употреба во кинескиот град Ксиан во провинцијата Шанкси. Големата кула од 100 метри веќе го подобри локалниот квалитет на воздухот, изјави научникот Као Јунџи, додавајќи дека тоа може да се покаже како важна алатка во борбата на земјата против урбаното загадување на воздухот. „Кулата нема врсници во однос на големината, а резултатите се доста охрабрувачки“, вели тој.

Основата на кулата ја опкружуваат стакленици на површина од половина фудбалско игралиште и во нив влегува загадениот воздух. Со помош на сончева енергија смогот се загрева во стаклениците, а потоа се издига низ кулата поминувајќи низ неколку слоеви филтри за прочистување.

Бидејќи градот Ксиан во голема мера користи јаглен за загревање, концентрациите на смог за време на студените месеци се доста високи. И покрај пониското ниво на сончева енергија достапно во текот на зимата, на стаклениците околу кулата се поставени посебни слоеви кои поефикасно апсорбираат топлина и го вовлекуваат смогот во текот на целата година.

За да се одреди влијанието на кулата врз квалитетот на воздухот, Као и неговиот тим поставиле над десетина мониторинг станици и утврдиле дека просечното намалување на концентрациите на PM2.5 честичките, кои всушност се најштетните честички во смогот, изнесувало 15 проценти во време кога загадувањето било најголемо.

Као нагласува дека резултатите се само првични, а понатамошни детали ќе бидат објавени на пролет. Исто така, ќе биде спроведена и сеопфатна научна проценка за ефикасноста на кулата.

Додека локалните жители се восхитуваат на големината на кулата, таа всушност е минијатурна верзија на кули за отстранување на смог, кои Као и неговиот тим се надеваат да ги инсталираат низ густите масивни градови во Кина. Верзијата со целосна големина би можела да достигне до 500 метри, додека околните стакленици би можеле да покриваат скоро 30 квадратни километри.