Во Исланд почна со работа првата фабрика во светот која елиминира повеќе CO2 од воздухот отколку што испушта.

Пилот програмата, која е дел од проектот CarbFix2 со финансиска помош од Програмата за иновации и развој на ЕУ за 2020 година и водена од исландската компанија Reykjavik Energy, може да отстрани 50 тони CO2 од воздухот годишно. Гасовите не само што се заловуваат од воздухот туку се претвораат во варовник и во таа форма ќе останат најмалку 1 милион години.

Процесот функционира така што се заловува СО2 од воздухот со патентирани филтри на компанијата која е дел од оваа иновација, Climeworks. Геотермалната централа потоа ги загрева филтрите и така се екстрахира јаглерод диоксидот. Кога СО2 ќе дојде во контакт со карпи од базалт веднаш формира цврст минерал. Со затворање на штетните гасови во минерални карпи, гасовите нема да се испуштат во атмосферата за најмалку еден милион години.

Проектот се уште е во пилот фаза, но од Climeworks се оптимисти и планираат слични фабрики да се отворат насекаде во светот. Сепак, има некои предизвици при реализацијата на оваа визија. Најпрвин, процесот воопшто не е евтин. Од Climeworks проценуваат дека екстрахирање на само 1 тон СО2 од воздухот чини 600 долари.

Се очекува дека до крајот на годината ќе се достигне полниот капацитет на фабриката, односно 900 тони годишно, но тоа е еднакво на емисијата на CO2 на само 45 Американци. Сепак, од компанијата се надеваат дека ова е само почеток.

„Потенцијалот за скалирање на нашата технологија во комбинација со складирањето на CO2 е огромен“, вели основачот и првиот извршен директор на Climeworks, Christoph Gebald.

До 2025 година компанијата сака да ги намали трошоците за 100 долари по тон и да заловува по 1% од годишната емисија на СО2. Од таму немаат детали како ќе го постигнат тоа, но со инвеститори како Бил Гејтс и Европската вселенска агенција, би можело да се оствари.

Секако дека сега е многу важно, повеќе од било кога, широката популација да ги прифати навиките за одржлив развој, како што податоците на ОН покажуваат дека луѓето се далеку од достигнување на лимитот од 2 степени целзиусови воспоставен со Парискиот договор за климатски промени, што беше усвоен во 2015 година на Самитот за климатски промени COP21 во Париз.