Отровите што убиваат животни, можат да убијат и човек

0
262

Во изминатиот период сведоци сме на масовно труење на бездомни животни низ градовите во Македонија, а најмногу во Скопје, откако расно куче ротвајлер нападна неколку граѓани во Општина Аеродром.

На неколку фреквентни локации во Скопје, забележано е поставување на отрови во храна од страна на, за јавноста непознати сторители, суровост што може да биде опасна и по животот на луѓето. Само мало количество од отровите предизвикуваат смрт и акутно или хронично оштетување на здравјето на луѓето кога ќе се проголтаат, вдишат или апсорбираат преку кожата.

Мамците со отровот ги фрлаат на јавни, високо – фреквентни места како паркови, школски дворови, игралишта, без да размислат дека може да настрада некое дете, кое било и си играло на овие места, а да не заборавиме дека има и деца и возрасни кои просат и често јадат храна од земја.

Здруженијата за заштита на животните апелираат до институциите за преземање на конкретни мерки на превенција, евиденција и казни за сите лица кои во храна поставуваат нервни отрови кои се фатални како за животните така и за луѓето.

Од Здружението за заштита на животни  „Анима Мунди“ најавуваат тужби онаму каде ќе има законска основа, против масовното труење кучиња и мачки со расфрлање отров на јавни површини.

Оттаму ги повивкуваат институциите да ја смират јавноста, да извршат истраги на терен, во земјоделските аптеки, пазарите каде се купува отров и да ги санкционираат најстрого сите кои труејќи, како што велат, предизвикуваат јавна опасност и вршат строго казниво кривично дело.

Но, освен до институцииите, од Анима Мунди ги повикуваат и граѓаните да им достават податоци за потенцијални трујачи, како и информации за оние кои во јавноста повикуваат на линч на бездомните кучиња.

„Сликајте ги јавните објави на сите насилници за да не ги избришат и доставете ни ги, а ние во секој случај каде имаме законска основа ќе поднесеме тужби.“, соопштуваат од Анима Мунди.

Граѓаните во страв и паника од директната закана за милениците и потенцијалната опаснот за нив и нивните децата, на социјалните мрежи постираат фотографии од затруени мачиња и кучиња и се организираат за откривање на потенцијалните трујачи, кои јавно повикуваат на масовно труење на бездомните животни со добро познатиот отров „Ланате“.

Отровот „Ланате“ содржи супстанција метомил, која покрај тоа што доведува до смрт на затруеното животно, во опасност го доведуваат и човечкиот живот со вдишување, нагазување или при допир со кожата, со оглед на тоа што станува збор за еден од најјаките отрови, забранет за продажба во земјоделските аптеки. Симптомите при труење се: грчеви во мускулатурата, огромно лачење на плунка, оток во белите дробови, секреција во бронхиите што се манифестира како пена во устата и на крај доаѓа до депресија на центарот за дишење, кома и смрт.

Еден грам метомил убива човек од 70 килограми

Од оваа супстанција во отровот „Ланате“ доволно е 14-27 милиграми на килограм за да усмрти топлокрвен организам.

На пример, за куче од 20 килограми доволни се 0,3 грама, за мачка или глушец уште помалку,  а за да се усмрти човек со просечна тежина од 70 килограми, доволен е вкупно 1 грам од отровната супстанција.

Како да се заштитите?

Запомнете, доколку наидете на затруена храна, потребно е да користите медицински ракавици, а при наведнување кон храната со отров со цел нејзино отсранување, потребно е отстранувањето да биде странично, да не го доближувате до лице, такашто ќе се заштитите од вдишување на отровот.

Како да го заштитите вашиот миленик?

Научете ги кучињата да шетаат со корпа на устата и кога се на поводник. Бидете внимателни, бидејќи доколку кучето наиде на отров истиот може да го вдише.

Прва помош при труење на миленик

– медицински ракавици
– медицински јаглен
– дексаметазон
– атропин
– хидроген 3%
– шприц и игла.
– вода

Бидејќи времето за спасување е многу кратко, затоа препорака е секогаш со вас да имате медицински ракавици за фаќање на затруената храна и животно.

Постапката е следна: Прво се дава хидроген 3% во шприц директно во муцката на затруеното животно за да предизвика повраќање. Потоа мускулно се аплицира инекција дексаметазон и антропин, а на крај се даваат 5-6 таблетки активен јаглен. Оваа постапка не треба да ви одземе повеќе од 5 минути, по што веднаш треба да се јавите на ветеринар.

Доколку сте на далечно место во кое нема ветеринарна амбуланта, сепак пробајте да го спасите вашиот миленик и тоа: со шприц или пак со пластично шише се дава на сила да испие млака солена вода во количина од 0,5 литри за да предизвикате повраќање, кое ќе ја намали количината на отров која треба да биде ресорбирана и апсорбирана во желудникот. Потоа издробете 5-6 таблетки медицински јаглен и растворете ги со вода, секако внимателно да не дојде до вдишување на течноста, може да се даде и 1 до 2 литри ладно млеко. Сето ова има за цел да предизвикаме врзување на отровот и негово отстранување по пат на повраќање.

Расфрлањето отровни материи во Р. Македонија е кривично дело за кое е предвидена казна затвор до 10 години (чл.230 од К.З на Р.М).