Општина Центар со учество во Европската неделата на мобилност

Под мотото „Комбинирај и движи се “, организирајќи низа настани, општина Центар активно ќе се вклучи во неделата на мобилност, која секоја година традиционално се одржува од 16-22 септември.

Проектот е поддржан од канцеларијата на делегацијата на Европската унија и Министерството за животна средина и просторно планирање.

Целта на неделата на мобилност е намалување на емисијата на стакленички гасови, зголемување на енергетската ефикасност и поголемо користење на обновливи извори на енергија.

Преку учеството во овој проект, Општина Центар се надева дека ќе успее да стимулира здрави навики кај граѓаните, а посебно кај учениците и најмалите од градинките. По тој повод, градоначалникот Саша Богдановиќ ги поканува сите жители на општината, на 21.09.2018 година од 10-12 часот да дојдат и учествуваат во настанот „Град без автомобил“. Големото велосипедско дефиле ќе започне од Порта Македонија до Школка во Градски парк, проследено со музичка програма.

Во сабота на 22.09.2018 година под мотото „Комбинирај и движи се“ ќе се промовира комбиниран превоз: велосипед и железница. Велосипедистите ќе патуваат со воз од Железничката станица Лисиче до Ѓорче Петров и ќе возат до центарот на градот на улица Димитрие Чупоски.

Придржувајќи се на акцијата, на 22 септември – Светскиот ден на автомобили, општина Центар, од 10-24 часот, ќе ја затвори улицата Боемска 2 за сообраќај и ќе овозможи децата безбедно и слободно да играат на улицата. На овој ден, повеќе од 1500 градови во светот, затвораат една или неколку улици за автомобилски сообраќај, а ги отвараат за различни граѓански активности.