Општина Кавадарци со субвенции за еколошки енергетски грејни тела

Во интерес на заштита на животната средина и  намалување на загадувањето на воздухот, Општина Кавадарци одлучи да субвенционира купување на енергетски ефикасни грејни тела. Субвенциите се однесуваат за купување на печки на пелети и инвертер клима уреди. За реализација на оваа одлука општината планира од буџетот да издвои  еден милион денари. Висината на субвенцијата ќе изнесува максимум до 15.000 денари, односно ќе бидат покриени 50% од цената на набавеното грејно тело, за што задолжително ќе треба да се приложи оригинална фискална сметка од набавката.

Од општината информираат дека пријавувањето се очекува да започне во почетокот на август, а субвенционирањето ќе биде по принципот, прв пристигнат – прв услужен. Ќе може да аплицираат само жителите на Општина Кавадарци, а подетални информации ќе бидат објавени во јавниот апел што се очекува да се објави првата недела од месец август.

Според раководителот на Секторот за локален економски развој, Тодор Ефремов се очекува голема заинтересираност од страна на кавадарчани, исто како  и во случајот кога општината субвенционираше купување на велосипеди.