Општина Гази Баба во соработка со Нула Отпад постави ЕКО ЗОНА на територија на општината

0
208

„ДОНЕСИ НЕГАБАРИТЕН СТАР УРЕД ВО КОНТЕЈНЕРОТ ПОСТАВЕН КАЈ ПАЗАРОТ ВО АВТОКОМАНДА ИЛИ ЗА ГАБАРИТЕН ПРИЈАВИ НА ЕКО ЛИНИЈАТА НА НУЛА ОТПАД – 070 236 000 ИЛИ ВО ВАШАТА НАЈБЛИСКА УРБАНА И РУРАЛНА ЗАЕДНИЦА“

Градоначалникот на Општина Гази Баба потпиша соработка со колективниот постапувач Нула Отпад, со цел успешно да реализира акција за собирање на отпадната електрична и електронска опрема од домаќинствата на територија на општината.

Современиот начин на живот наметнува постојано купување на нови електрични и електронски уреди, а со тоа исфлање на старите, дотраени уреди. Од тука потребата да постојано граѓаните имаат можност да се ослободат од старите уреди кои времето и технологијата направија да имаат краток век на траење, придонесе денес да се постави ЕКО ЗОНА во Општина Гази Баба, и тоа на паркингот кај пазарот во Автокоманда.

Ова ќе биде континуиран проект, кој ќе се спроведува на територијата на Општина Гази Баба, во соработка со урбаните и руралните заедници, со колективниот постапувач Нула Отпад од Скопје. На овој начин, општината ги исполнува законските надлежности согласно Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема, со што ќе спроведува редовно организирано собирање на отпадот од територија на Општина Гази Баба.

Електричниот и електронскиот отпад делуваат како нетоксичен отпад, но нивното несоодветно третирање, уништување и депонирање доведува до испуштање на тешки метали во воздухот, водата и почвата, кои што сериозно делуваат на здравјето на граѓаните и воопшто на квалитетот на животната средина.

За таа цел, Општина Гази Баба во соработка со колективниот постапувач Нула Отпад ДОО Скопје организира систем за собирање на отпадот од домовите, преку акција во сите урбани заедници. Граѓаните се пријавуваат кај Координаторите, наведувајќи каков тип и колку отпад поседуваат, по што колективниот постапувач, Нула Отпад ДОО Скопје, согласно списоците за евиденција за секоја урбана и рурална заедница, организира подигнување на отпадот, директно од домовите на граѓаните, или едноставно дирекно пријавете се на ЕКО ЛИНИЈАТА 070 236 000 на Нула Отпад. Отпадот, понатаму безбедно се пренесува до фирма рециклатор, за понатамошна постапка.

Од денес 09.03.2018 граѓаните на Општина Гази Баба како и сите граѓани кои го посетуваат пазарот во Автокоманда, имаат можност правилно да се ослободат од малите неисправни уреди од домот или едноставно да се јават на ЕКО ЛИНИЈАТА, 070 236 000. Воедно планот во блиска иднина е во сите институции кои се на територија на Општина Гази Баба да се постават и садови кои се наменети за отпадни батерии, а со тоа да се реализира целта, здрава животна средина и здрав живот кој е основно право на секој граѓанин.

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Борче Георгиевски денес ги повика жителите на општината да се приклучат кон оваа акција. Да го пријават електричниот и електронскиот отпад, но, и да се ослободат од малите неисправни уреди – батериите, фрлајќи ги во наменските садови поставени во Автокоманда. Ова е една во низата ЕКО АКЦИИ кои Општина Гази Баба во соработка со Нула Отпад ќе ги спроведе на територија на општината.