Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ деновиве истражувала неуспешен случај за спасување на мечка во близина на селото Љубаништа, која наводно починала од преголеми дози на муниција за зашеметување и успивање.

Фотографијата е преземена од Facebook страната на Охрид SOS

Како што истакнуваат во објава на својот фејсбук профил, дојава за овој случај добиле од жител на Охрид, а потоа консултирале и уште неколку други извори кои го потврдиле настанот.

Имено, мечката била заглавена во стапица, при што била повикана надлежна екипа од Скопје, компетентна за ослободување на дивото животно.

Од „Охрид СОС“ преку сведоштва на граѓани дознале и дека на локалното население не му било дозволено да се приближува до местото, кое го обезбедувале полицајци. Со цел мечката безбедно да се ослободи од стапицата била употребена муниција за успивање, но според информациите до кои дошле претставниците на „Охрид СОС“, дозите биле преголеми и животното воопшто не се разбудило. Инаку, жителите потенцирале дека ова бил втор ваков случај во Љубаништа.

Поттикнати од овој немил настан, во својата објава на Фејсбук од иницијативата ги повикуваат надлежните институции да објават конкретни извештаи и детали за случајот. Конечно, од „Охрид СОС“ бараат да се утврди дали во овие ситуации станува збор за нестручно постапување и доколку во поведената постапка се утврдат неправилности, да бидат покренати и санкции за одговорните.

Целата Facebook објава на „Охрид СОС“ може да ја погледнете тука.