Официјално забранет увозот на македонските праски во Русија!

Производителите и откупувачите на праски во Македонија, во паника, откако им беа вратени три камиони со праски наменети за извоз во Русија. Моментално на  руската граница се наоѓаат уште три камиони со неизвесна судбина. Имено, Русија не дозволува увоз на ова овошје, со образложение дека во пратките има изолирано ”прасков црв”.

Штетите од ваквиот потег се огромни и изнесуваат околу 4.000-5.000 евра од само еден вратен камион. И доколку проблемот не биде решен во најскоро време,  откупувачите стравуваат дека нема да можат да им извршат исплата на производителите.

Околу 80% од целокупниот извоз на праски оди за Русија, а без никаков проблем се извезува  во Украина, Белорусија, Норвешка, Романија и Хрватска.

Според информациите објавени на интернет страницата на руската федерална служба за ветеринарна и фитосанитарна контрола, воведена е привремена забрана за увоз на коскести овошја од Македонија, која стапува на сила од 15 август, како и дека одлука за натамошно постапување ќе биде донесена по завршување на истрагата на двата надлежни органи од Русија и Македонија.

Во меѓувреме, се уште нема одговор од руска страна по писмото што го испрати македонскиот Државен инспекторат за земјоделство до руската федерална служба на ветеринарен и фитосанитарен надзор, со кое се бара во најкус можен рок да се отстранат сите непријатности и да продолжи соработката.

Досега, од Македонија во Русија се извезени три милиони килограми праска, а вратени поради сомнеж дека се заразени  120.000 килограми .