Одржана нова дебата за Водно, повторно спротивставени мислења!

Вчера, во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање, беше одржана нова дебата (втора по ред), во врска со изградбата на гасоводот низ парк-шумата Водно на којашто учество зедоа преставниците на власта, како и претставници на невладиниот сектор.

Дебатата не донесе ништо ново, освен што повторно ги потврди спротиставените мислења на учесниците.

Претставниците на власта и понатаму цврсто стојат на ставот дека изградбата треба да се реализира, бидејќи ќе придонесе за сигурно и квалитетно снабдување на потрошувачите со енергија, преку користење на природниот гас.

За разлика од нив, претставниците од граѓанската иницијатива ,,Го сакам Водно”, уште еднаш се спротивставија и повторно кажаа ,,НЕ!”. Тие побараа почитување на заштитеното подрачје и одржување на природната рамнотежа, оти во спротивно ќе имаме негативен ефект врз градот Скопје.

Дали треба да се гради или не во зони на заштитени подрачја и од двете страни беа посочувани примери, како тоа изгледа во другите европски земји, притоа секој тргнувајќи од сопствените ставови и убедувања, кои и овој пат беа цврсто спротивставени.