Компостирањето е најстар и најприроден начин на рециклирање на органскиот отпад. Процес на биодеградација на органските материи содржани во органскиот отпад и создавање на квалитетно природно и потполно бесплатно органско ѓубриво (компост).

Компостирањето како процес управуван од страна на човекот, всушност, е  забрзување на начинот на кој природата рециклира.

Во биотпадот кој може да се рециклира спаѓа, отпадот богат со азот – N (остатоци од овошје и зеленчук, талог од кафе,чај, трева) и отпад  богат со јаглерод – C (суви лисја, суви растенија, гранки, струготини,сено, слама).

Дури 40% од отпадот во едно домаќинство може да се компостира. За разлика од минатото, кога луѓето практикувале  самите да си произведуваат природно ѓубриво, за свои лични потреби и ѓубрење на градините и нивите, денес, оваа постапка се поретко се применува. Затоа пак компостирањето во западноевропските држави е редовна и широко прифатена појава.

Домашното компостирање како начин на управување со комуналниот отпад, создава можност, секој поединец, на најдобар можен начин да се справи со дел од отпадоците што самиот ги создава.

Се поставува прашањето: Кој е бенефитот и придобивката од самата постапка на компастирање?

  • Како прво, добивање на квалитетно органско и потполно безбедно и бесплатно ѓубриво;

  • Се намалува количината на отпадоците кои завршуваат на депониите, дури за една третина;

  • Се намалува создавањето на метан, кој придонесува за создавање на ефект на стаклена градина и влијае на климатските промени;

  • Се намалува загадувањето на подземни води, со течностите кои се исцедуваат од отпадоците;

  • Понатаму, компостот ја подобрува структурата на почвата, го збогатува нејзиниот квалитет и го спречува нејзиното сушење, и

  • Ја намалува ерозијата на земјата.

Во Република Македонија не се врши селектирање на отпадот, или ваквите активности се во зародиш, и целокупниот отпад се носи на депониите. На овој начин, неповратно се губат големи количини на секундарни суровини, а неконтролираното разградување на органскиот отпад  не само што не користи, туку и предизвикува многукратни штетни последици.

 

Со воведување на едноставни мерки на сепарација на отпадоците и компостирање на истите, во многу ќе се придонесе за сочувување на нашата мала еколошка оаза.

Затоа, сите да се погрижиме и да придонесеме за развојот и јакнењето на еколошката свест на граѓаните, оти,  бенефитот е еден и единствен – ПОУБАВА, ПОЧИСТА И ПОЗДРАВА  животна средина.