Невреме над Македонија!

Невремето кое надоаѓа и веќе е над Македонија, спорд  укажувањата од УХМР ќе биде пропратено со oбилни врнежи кои на некои места ќе преминат и во поројни врнежи од дожд. Се очекува во просек да наврнат над 50 литри на м2, а во крајните западни и југоисточни делови се очекува да наврне и над 70 литри м2.

Управата за хидрометеоролошки работи предупредува дека невремето на одредени места ќе биде пропратено со засилен ветар, грмежи и град.

Од Диреркцијата за заштита и спасување напоменуваат дека доколку овие количества на дожд паднат во период од 72 часа не би требало да има поголеми проблеми, но доколку врнежите бидат со силен интензитет и ако се случат за краток временски период, може да се очекува дека кај помалите сливни површини, да има појава на локални излевања на водите од реките. Активирано е и Оперативното тело за справување со овој вид на кризни состојби, а имаат и зголемена мобилност и подготвеност на постојаниот состав на силите.

Исто така од Дирекцијата за заштита и спасување укажуваат- “Апелираме на внимателно движење покрај водотеците и суводолниците, во крајниот запад, југо-запад и северо-запад, каде постои можност од локални излевања и можна појава на свлечишта и одрони, особено на патниот правец Маврово-Дебар-Струга. Покрај овие региони, за особена внимателност од можна појава на локални излевања ги посочуваме сливовите околу планината Кожув и Гевгелиско-Валандовскиот крај”.

Ангелко Ангелески, Советник за агрометеорологија при УХМР е со проценка дека “Очекуваме заради ваквите врнежи да има протекувања, односно излевања на водите, а тоа ќе го зголеми водостојот на реките. Но, акумулациите беа празни и за поплави во овој период не може да се зборува“.