Националниот парк е пространо, претежно неизменето подрачје на копно и вода со особени повеќекратни природни вредности, кое опфаќа еден или повеќе сочувани или незначително изменети екосистеми, а првенствено е наменет за зачувување на изворното природно, културно и духовно богатство.

Во Република Македонија постојат три Национални паркови прогласени со закон и тоа: Пелистер, Маврово и Галичица.

На југозападниот дел на Република Македонија помеѓу Преспанската котлина на запад и Пелагониската на исток, сместен е Националниот парк Пелистер.

Извор: http://park-pelister.com/

Во продолжение ви издвојуваме неколку факти за Националниот парк Пелистер:

1. Пелистер е прв прогласен национален парк на територијата на Република Македонија во 1948 година.

2.Националниот парк се простира на површина од 12.500 хектари и надморска височина од 700 – 2.601 метри на источните предели на планината и тоа од главниот гребен  до реката Сапунџица.

3.Со своите 2.601 метри надморска височина Пелистер е највисокиот врв на Баба Планина и трет највисок планински врв во Република Македонија.

Извор: http://park-pelister.com/

4.Националниот парк Пелистер има 24 планински врва над 2000 метри, од кои позначајни се: Стив, Големо Стапало, Мразарник, Козји Камен, Голема Чешма, Скрково, Вртешка и др.

5.Од високите планински била кон околните котлини се спуштаат 23 речни текови со вкупа должина од 212 km.

Извор: http://park-pelister.com/

6.Геолошкиот супстрат на овој масив е составен од комплекс на карпи со различна старост, различен минеролошки состав и различно потекло: метаморфни (филити и гнајс), палеозојски шкрилци, гранити и гранитоидни гнајс.

7.Пелистерскиот масив е испресечен со поголем број живописни планински реки низ кои течат бистри и ладни води, кои ја сочинуваат исконската дивина во декорот на планинскиот пејсаж.

Извор: http://park-pelister.com/

8.Покрај моликата, карактеристичен белег на Националниот парк Пелистер се и глацијалните Големо и Мало Езеро, кај народот познати и како „Пелистерски очи“кои се наоѓаат над горната граница на шумата.

9.Големото Езеро лежи на надморска височина од 2.218 m и се протега во правец север – југ, со должина од 233 m, ширина 162 m и длабочина 14,5 m.

10.Maлото Езеро е сместено 118 m подолу од Големото Езеро, со надморска височина од 2.100 m, а долго е 79 m, широко 68 m и длабоко 2,6

11.Вегетацијата на Националниот парк Пелистер има специфично ботаничко значење и претставува природен арботерум. Тука растат 88 видови на дрвенести растенија класифицирани во 23 фамилии, што претставува 28% од вкупната македонска дендрофлора.

Извор: http://park-pelister.com/

12.Главниот феномен на паркот претставува петтоигличестиот бор – Молика (Pinus Peuce Gris), реликт од терциерот, откриена во 1839 година од големиот европски ботаничар Август Гризебах. Во својот природен ареал, моликата расте на високи планини од 700 до 2.200 метри надморска височина.

Извор: http://park-pelister.com/

13.Моликовите шуми на Пелистер се издвоени во две заедници: Моликови шуми со папрат (Pteridio  pinetum peucis) и Моликови шуми со боровинка (Murtila pinetium peuces), од кои чисто моликовите шуми се простираат на површина од 1.174 ha, кои се јавуваат и како  моликово – елови, моликово – букови, моликово – букови – елови, букови и дабово – букови шуми.

Извор: http://park-pelister.com/

14. Во високиот планински дел на паркот се среќаваат половина од вкупната планинска вегетација во Македонија. Најзначајни се ендемичните растенија: пелистерска качунка (Crocus peristericus), каранфилчето (Dianthus myrtinervius), Sempervivum octopodes и Alchemilla peristerica.

15.Животинскиот свет на Пелистер го сочинуваат 12 водоземци, 16 влекачи, 130 видови на птици и 37 видови цицачи, од кои посебно внимание заслужуваат: мечката, срната, рисот, дивокозата, еленот, дивата свиња, еребицата камењарка, златниот орел, карпестиот лазач и црвеноклуната галица. Од рибите значајно е присуството на пелистерската ендемична пастрмка или македонската пелагониска пастрмка (Salmo peristericus Karaman).