Планетата Земја е сѐ повеќе изложена на вештачкa светлина, а тој феномен е засилен со употребата на новите технологии, како што се ЛЕД светилките, наведуваат истражувачите во анализата за растечкото „светлосно загадување“, кое може да го загрози растителниот и животинскиот свет и здравјето на луѓето.

Од 2012 до 2016 година, осветлувањето на планетата е зголемено во квантитет и интензитет за околу 2 проценти годишно, се наведува во истражувањето во магазинот „Science Advances“.

Вештачкото осветлување е присутно секаде на светот, а во некои подрачја кои порано имаа помалку светло сега се бележи голем скок во осветлување, се наведува во студијата која е прва од такот вид и се занимава со осветлувањето од ЛЕД светилките, кои трошат помалку струја од обичните светилки.

Според експертите, ЛЕД светилките кои произведуваат иста количина светлина, но со помалку струја довеле до намалување на трошоците на градовите за улично осветлување.

Научниците предупредуваат дека светлоста во текот на ноќта може да го поремети биолошкиот часовник, односно сонот кај луѓето, со што се зголемува опасноста од депресија, дијабетес или рак.

Осветлувањето исто така може да го загрози и растителниот и животинскиот свет, а кај растителниот свет може да го спречи мирувањето, кое е неопходно за да се помине зимата и да го повтори цветањето во текот на пролетта.